Маскираните продефилираа низ градот

05.05.2012 12:17 | KumanovoNews

 По деветти пат, на градскиот плоштад се оддржа традиционалниот маскембал “Батко Ѓорѓија“ во организација на Општина Куманово.

Маскираните продефилираа низ градот

Ученици од сите основни, средни училишта и од градинките имаа можност да се претстават со поединечни и групни маски. Пингвини, балерини, полицајци, па се до суму борачи, ликови од цртани и телевизиски серии меѓу кои беше и Султан Сулејман со неговиот харем, продефилираа низ улиците. Родителите велат дека ова е добар начин децата да се забавуваат, да се дружат и да ја канализираат енергијата.

 

- Еден месец е подготвувана маската и се состои од 30 члена. Супер е , децата се задоволни. “Пирати и дами“ е маска која е инспирирана од животот во 15 век, од убавината на жените и мрачниот живот на пиратите - изјави Елена Спасевска, наставник по ликовно во ОУ “Кирил и Методиј“ од село Романовце.

Марина Алексовска, директор на градинката Ангел Шајче вели дека ваквите манифестации се за поздравување и тие како институција редовно учествуваат на овој маскенбал. Годинава пред публиката се претставија со три групни маски.

- Има седумдесет и седум маски и некаде околу 2000 учесници. Има и гости од Струмица. За најмалите има три награди, за основците исто три награди и посебно за средношколците. Од оваа година како стимул се воведува и награда за иновација - рече Цоки Ристовски, од Секторот за спорт и култура на Општина Куманово.

На маскембалот му претходеа неколку ритмички точки. Децата танцуваа на твист, латино ритам, на песна од Тина Тарнер и слично.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk