Maтурантите чекаат поддршка од пратениците за да го прекинат бојкотот на наставата

04.02.2021 09:20 | KumanovoNews

 Матурантите чекаат поддршка за државната матура од пратениците  за да го прекинат бојкотот на настава.

Maтурантите чекаат поддршка од пратениците за да го прекинат бојкотот на наставата

 „Уште еднаш сакаме да напоменеме дека немаме ништо против нашите професори и дека единствено што сакаме се промени во нашиот образовен систем. Протестот ќе продолжи до крајот на оваа недела бидејќи чекаме да се започне со гласање во Парламентот, за барањето кое беше испратено во понеделник,“ рече Филип Трајковски, претставник од кумановската гимназија.

Како што велат од Сојузот на средношколци во Куманово, наставата не ја следат матурантите од гимназијата „Гоце Делчев“ и „Сами Фрашери“, како и техничкото училиште „Наце Буѓони“, паралеки на македонски јазик, но и дел од албанските.

Учениците од средните училишта „Перо Наков“ и „Киро Бурназ“, само делумно бојкотираат бидејќи не се во целост организирани.

Од МОН соопштија дека испуштените денови ќе се одработуваат, па ова создаде дополнителен притисок кај учениците.

Поради тоа интересот опаѓа, а матурантите не се задоволни во кој правец оди протестот и поради тоа што не се сложни во своите барања.

На почетокот на второто полугодие од учебната година, тие побараа да се направат измени во полагањето на државна матура, односно наместо 4 предмети, да полагаат само 2 – мајчин јазик и еден изборен предмет кој ќе е значаен при упис на факултет. Ова е во целост спротивно од ставот што го има Министерството за образование и наука. Тие беа децидни дека оваа година нема да има промени во бројот на предмети.

Бојкотот е поддржан од Сојузот на средношколци на Македонија.

(Д.Д.)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk