Матурантите нема да слават по улиците и на плоштадот

15.05.2015 11:16 | KumanovoNews

Поради безбедносната состојба, матурантите оваа година нема да организираат прослава пред училиштата, улиците и на Градскиот плоштад, со трубачки оркестри.

Матурантите нема да слават по улиците и на плоштадот

Ова денеска беше договорено на средба меѓу директорите на училиштата и претставници на отсекот за превенција при СВР Куманово, во пресрет на матурските прослави кои ќе започнат од понеделник.

“Им прочитав соопштение дека нема да има трубачи низ град и тоа е тоа. Во ресторанот каде ќе бидеме има обезбедување и се надевам дека така ќе биде и оваа година. Како ќе биде за сите, така и за нас“ - рече Лидија Михајловска, директорка на “Наце Буѓони“.

Директорката на “Перо Наков“, Лидија Тасевска објасни дека учениците веќе организирале трубачи, но поради актуелните случувања укажано им е дека истото треба да се откаже.

“Не се малечки, веќе знаат дека не е безбедно. Алтернатива е ако толку сакаат трубачи, нека ги викнат во ресторан, никој не им брани, во станови, во викендички, меѓутоа во установа како што сме ние не личи и не соодветствува, посебно во овој период. Се она што кажавте веќе е преземено“ - изјави Тасевска.

Од отсекот за превенција апелираат за безбедни матури, да не се претерува со конзумирање на алкохол, да не се управуваат возила без возачка дозвола, да не се прават нереди, да не нарушува јавен ред и мир и слично.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk