Меѓународен тамбурашки фестивал во петок и сабота

22.08.2016 09:26 | KumanovoNews

Над 120 тамбураши ќе учествуваат на годинешниот Меѓународен тамбурашки фествал, кој ќе се одржи во петок и сабота (26 и 27 август) на Градскиот плоштад Куманово.

Меѓународен тамбурашки фестивал во петок и сабота

„Првата фестивалска вечер ќе ја отвори кумановската група ’Амадеус’ со Игор Васиљков, втори се трио ’Гранде плус’ од Кавадарци со специјалниот гостин Бубо Каров од К-15. Трети ќе настапат градскиот тамбурашки оркестар ’Бранко Радичевиќ’ од Рума, Србија, голем тамбурашки оркестар со 25 тамбураши и музичари со многу интересна програма во повеќе музички стилови. На крај, вечерта ќе ја затворат нашите големи пријатели, тамбурашкиот оркестар на Зравко Ќосиќ од Бања Лука со оперската пејачка Радмила Смиљаниќ од Белград“, вели Нино Величковски, уметнички директор на фестивалот.

Втората вечер ќе ја отворат домаќините „Наши тамбураши“ и Нино Величковски со специјалните гости Ивона Јовановиќ и Мартинијан, а во вториот дел од вечерта ќе биде посветена на словенечката музика преку настапот на тамбурашки оркестри оркестри „Шмартно“ од Литија и „Цирковце“ од Цирковце, Република Словенија.

Организаторите се надеваат на голема посетеност на двете вечери.

„Љубителите на тамбурашката музика имаат голема причина да дојдат во голем број, бидејќи се работи за квалитетна манифестација на која настапуваат најдобрите тамбурашки оркестри на овие простори. Заради спецификата на тамбурашкото музицирање, пред големата бина ќе бидат поставени маси за посетителите и амбиентално ќе изгледа како градска кафана на отворено“, -додава Величковски.

Концертите ќе започнат во 20.30 часот.

Меѓународниот тамбурашки фестивал се одржува под покровителство на општината Куманово која издвои 600.000 денари и Министерството за култура 200.000 денари.

Општината пред 12 години ја започна манифестацијата со цел да се зачува од заборав тамбурашката музика која има голема традиција во кумановското градско живеење.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk