Меѓународниот ден на бегалци одбележан на Табановце

20.06.2016 14:10 | KumanovoNews

Повеќе активности денеска се организираа во бегалскиот камп Табановце, по повод 20 јуни, Меѓународниот ден на бегалците. 

Меѓународниот ден на бегалци одбележан на Табановце

Невладините организации подготвија забава за најмладите, а за постарите се организира вечера со арапски специјалитети. Поделивме маици и цел ден поминува во знакот на одбележувањето на денот, - велат од центарот Табановце.

Милиони деца како жртви на војни пребегнуваат во други земји.

„Децата се најранливата популација во вонредни ситуации, се соочуваат со опасности од насилства, искористувања, болести, киднапирања, занемарувања. Воените конфликти, како овој во Сирија, очигледно ќе остават последици кај една цела генерација деца кои секојдневно се жртви и сведоци на насилства и уништување. Иако ги нема повеќе на првите страни на весниците и не се толку често на ударните вести на информативните програми, да не заборавиме дека на неколку километри од нас постојат и живеат деца и возрасни, луѓе со тешки судбини кои бегаат од војна и на кои им е потребна нашата поддршка“, - соопштуваат од Меѓаши.

„Никој не заслужува под притисок, или закана да го напушти својот дом. Бегалците се луѓе соочени со најголемиот проблем во животот, напуштањето на родното огниште. Македонија раскажува многу бегалски приказни низ историјата. И затоа, ние безрезервно треба да ја понудиме нашата помош и добра воља, да помогнеме онолку колку што можеме. Ние, СОС Детско село Македонија, како организација од почетокот се вклучивме во бегалската криза. Им помагаме на децата и од почетокот сме присутни во бегалските кампови. Покрај помошта во прехрамбени и непрехрамбени производи, во нашето Детско катче децата навистина можат да бидат среќни, онолку колку што тоа приликите го дозволуваат. Неблагодарно да се споредуваат овие животни услови со вистинските, но мислам дека ние како организација, но и како држава правиме најмногу што можеме“, - вели Јулијана Гапо, национален директор на СОС Детско село Македонија.

Секој ден илјадници семејства во светот насилно се принудени да ги напуштат своите домови. На тој пат кон спасот 10.000 деца бегалци се грабнати и киднапирани. 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk