Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Анксиозност, панични напади, зависности, осаменост, депримираност, збунетост... се само дел од ситуациите во кои денеска се наоѓаат луѓето, а пред се повеќето деца и млади.
Ковид кризата, која остави длабоки траги по ментално здравје во речиси секое семејство и понатаму ќе резултира со негативни емоции и ќе влијае врз личноста. Затоа, барањето стручна помош и поддршка веќе не е табу тема, луѓето стануваат свесни дека тоа негативно влијае на квалитетот на животот и на психофизичкото здравје.
Емилија Стoјковски од Куманово, психолог, сертифициран семеен и системски советник, која врши семејна и системска психотерапија и ОЛИ Метод - интегративна психодинамска психотерапија, посочува на главните аспекти од развојот на свесното, несвесното и емоционално ниво кај децата и возрасните. Според неа во ковид пандемијата најмногу страдале најмладите на кои сега им е најпотребна помош од психолог или психотерапевт.
„За време на пандемијата сите бевме затворени во домовите, немаше градинки, училишта, средби со пријателите и роднините, немаше спорт и активности, а сето тоа најмногу се одрази на најмладите. Светските истражувања потврдуваат дека за време на ковид кризата имаше повисок ризик од насилство, занемарување, злоупотреба, психолошки притисок, како и поголем број на жртви на семејно насилство, кои предизвикаа одредени чувства и емоции кај децата на кои сега им треба поддршка за да се соочат со овие состојби“, вели Стојковски.
Таа смета дека е најважно да се зборува на оваа тема, односно да се работи на препознавање, изразување и искажување на емоциите и чувствата и тоа како за позитивните и добрите, така и за негативните. Секогаш се води од мотото дека „Детето е огледало на родителите, гледај го детето ќе ги видиш и родителите“, со што сака да упати на потребата да се разговара со децата. Според неа семејствата и родителите кои разговараат со своите деца за нивните чувства и ги поттикнуваат смело и отворено да се соочат со светот, овозможуваат тие да развиваат емоционална интелигенција и подобро да ги разберат сопствените, но и туѓите чувства. Од друга страна оние деца кои се премногу заштитени или пак се втурнати во искуства што им предизвикуваат анксиозност, без притоа да бидат поврзани со семејството, најчесто остануваат срамежливи деца.
„Доколку во едно семејство нема споделување на чувствата, детето нема да развие способност да ги изрази своите емоции. Треба да му се пристапи со изразување на основните емоции како лутината, тагата, стравот, а потоа процесот да продолжи кон посложените емотивни изрази. На пример, ако детето никогаш не го слушнало родителот како се извинува, и тоа нема да знае да се извини. Ако родителот не разбира како детето се чувствува, ниту детето нема да ги разбере чувствата на родителот, ако не изразува љубов кон детето, ниту тоа нема да знае да изрази љубов, ни кон себе ни кон другите. Тоа за детето ќе претставува нормален процес, кој за жал подоцна ќе му претставува проблем во емоционалниот развој “, посочува Стојковски која истовремено препорачува децата да поминуваат повеќе време на отворено, во паркови, на игралишта, во кино и во дружење со своите врсници за да бидат слушнати и да ги слушнат другите што ќе им даде чувство дека не се сами.
Советот на Стојковски до родителите е што повеќе да разговараат со своите деца и да ги изразуваат чувствата на соодветен начин.
„Родителите треба да почнат од емоционалните описи како добри и лоши, со што ги учиме децата на спектарот на емоциите, а не само да разликуваат црно или бело. Сето ова се одвива во секојдневна интеракција со децата, а целиот процес започнува уште пред да започнат да зборуваат. Така, наместо родителот да го праша детето „Како помина денеска на училиште ?“, треба тоа да го заменат со прашањето „Кажи ми како ти помина денот, што ти беше најубаво денеска, што е тоа што убаво ти се случи, што те вознемири и слично“. Со вакво однесување децата ќе развиваат емоционални вештини, ќе учат за својата самодоверба, спознавањето на себеси, ќе градат пријателства и ќе можат соодветно да одговорат на одредени задачи и предизвици“, појаснува Стојковски.
Стојковски и нејзината колешка Сања Јовановска одржале и работилница за деца од 6 до 9- годишна возраст на која имало голем интерес и од страна на родителите. Работилницата покажала колку на децата им е потребно да зборуваат за емоциите, колку се љубопитни за чувствата на другите, но и дека сите во иста ситуација можат да се чувствуваат различно и дека е тоа сосема во ред и прифатливо. Ги учеле на техниките за поддршка и другарство, но и за негативните работи за кои помалку се зборува и се помалку прифатливи, како што се стравовите и губитокот на блиска личност. Исто така, Стојковски го потенцира и разводот на брачните партнери, кој има влијание не само врз самите партнери, туку и врз децата, бидејќи на скалата за мерење на стрес, раздвоеноста и разводот се рангираат на второ место, веднаш по смртта на брачниот партнер.
Таа најавува и нови работилници со деца и родители и ги охрабрува да се пријават и да дозволат децата да се осознаваат себеси, истовремено вложувајќи и во својот личен раст и развој.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk