Mесните заедници бараат контејнери за смет

24.02.2015 13:31 | KumanovoNews

Месните заедници во Куманово бараат општината да постави повеќе контејнери во нивните населени места, пред да запопчне да се спроведува одлуката за комунален ред, која неодамна беше изгласана во Советот.

Mесните заедници бараат контејнери за смет

Претседателните на месните заедници го поздравуваат донесувањето на комуналниот ред, но бараат соодветни услови за подигнување на јавната хигиена.

“Ние бараме од општината да се постават контејнери на неколку локации во селото. Има совесни граѓани кои сакаат сметот да го фрлаат таму каде што му е место, ама немаат услови. каде што не поминува “Чистота и зеленило“. Со нерешени комунални прашања не може да ставаат санкции, ние нема да прифатиме„ - вели Зоран Петрушевски, претседател на месна заедница во населба Долно Којнаре.

Зоран Крстевски, претседател на месна заедница во село Режановце смета дека чувањето добиток не може кај нив да се избегне, бидејќи луѓето од нив заработуваат за живот.

“Од тоа зависат жителите и затоа е валкано. Ние сме вистинско село, можеби едно од најгусто населените во општина Куманово. Треба уште контејнери да се стават. Кај реката имаше диви депонии, сега малку е стопирано“ - рече Крстевски.

Вработените од општина Куманово објаснија дека казни ќе следуваат за фрлање отпадоци на несоодветно место, оставање на хаварисани возила, чување стока во урбани средини и слично. Граѓаните ќе треба да внимаваат на оградите, редовно да ги кастрат, да не излегуваат на јавна површина и да не пречат на минувачите. Посебни одредби има за поставување на тенди и клима уреди кои ќе мора да се почитуваат.

“На јавни зелени површини не е дозволено противправно сечење, корнење, седење на тревници, откорнување на цвеќе, палење на оган и стебла. Како и фрлање и оставање на отпадоци и градежен шут на места кои не се за таа намена„ - вели Селами Ајрулау, инспектор за домување во општина Куманово.

За прекршување на комуналниот ред ќе следуваат парични казни од 50 евра па нагоре.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk