Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По заминувањето на Никола Груевски од власт, треба да се стабилизира државата, беше кажано синоќа на трибината организирана од Либерално-демократската партија на тема “Македонија после “груевизмот“-либерални решенија“.
Учесниците рекоа дека по заминувањето на оваа владејачка гарнитура, треба да владее демократијата, да се почитуваат човековите права, сите граѓани да бидат еднакви пред законот, во администрација да се вработуваат кадри врз основа на квалитет, а не врз основа на партиска припадност и ред други реформи.
Ги презентираме нашите идеали, заложби откако ќе се освои власта по 24 април. Педесет посто е завршена работата по смената на Груевски, меѓутоа остануваат уште педесет проценти кои се потешки, да се стабилизира државата, да се департизираат институциите. Да се тргне политиката од институциите за да можат да работат професионално. Сакаме да ги презентираме кадрите со кои располага ЛДП и програмата. Ги третираме темите кои ги засегаат граѓаните. Трибините се интерактивни, граѓаните можат и прашање да постават - изјави Горан Милевски, претседателот на ЛДП.
Адвокатот Драган Малиновски рече дека институциите се во канџите на власта и работат исклучиво во нивна полза.
Имаме силна пенетрација на политиката во судството и тоа на највулгарен начин. Ако ги погледнеме само извештаите на Европската комисија, кои се однесуваат за напредокот на Република Македонија во делот на владеењето на правото, особено за работата на судовите, до пред 2-3 години имавме ситуација кога ни се забележуваше на неефикасноста на судството. Судството продуцираше поголема ажурност, но квалитетот на судските одлуки опадна драстично - кажа Малиновски.
Пред присутните Никица Корубин, член на извршниот одбор на ЛДП говореше за човековите права. Рече дека на граѓаните им е загрозено правото на живот, правото на работа, правото на здравствена грижа, квалитетно образование, слободно информирање и слично.
Груевизмот треба да се сфати како нешто што практично го зафати целото општество. Груевизмот не е еден човек. Груевизмот е еден систем или антисистем како што го нарекувам. Тој е систем изграден за да биде злоупотребен од старт. Во таков систем ниту една институција не ја извршува својата улога, сите институции се во служба на една мала група луѓе - кажа Корубин.
По Могила, Битола и Скопја, во Куманово се одржа 4-та трибина на ЛДП, а до средината на декември ќе следат 12 трибини низ Македонија. По завршување на трибините ќе има дебати кои ќе обработуваат различни теми.
Паралелно тече и процесот на реевиденција на членството, бидејќи последната реевиденција била во 2007 година.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk