Министерот Чулев во работна посета на граничниот премин Табановце

18.03.2020 18:24 | KumanovoNews

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев денеска беше во работна посета на граничниот премин Табановце, каде се сретна со полициските службеници кои се ангажирани и преземаат мерките кои се донесени од страна на владата за справување со коронавирусот.

Министерот Чулев во работна посета на граничниот премин Табановце

- Дојдов тука да им изразам поддршка на овие наши колеги кои деноноќно работат и даваат се од себе. Како министер за внатрешни работи, во рамки на сите средби на државниот врв изминатиот период, инстистирав дека е неопходно преземање построги и поитни мерки со кои ќе се гарантира и ќе се заштити животот и здравјето на граѓаните и дека ако делуваме сите заедно тогаш можеме да успееме,- потенцираше Чулев во своето обраќање.

Тој нагласи дека македонската полиција и сите полициски службеници, се свесни за вонредноста на состојбата и за напорите и големиот влог што треба да се даде со цел успешно да го пребродиме ова премрежие.

- Ние, како министерство, ќе дадеме се од себе и ќе ги спроведем сите упатства и насоки, независно колкави жртви да се бараат од нас. Но, притоа апелирам на максимално граѓанско разбирање и кооперативност во заедничката борба што ќе ја водиме и што – бидете сигурни – ќе ја добиеме. МВР, како што впрочем јавно кажав и пред два дена, ќе биде во постојан и отворен контакт со средствата за јавно информирање и со сите заинтересирани граѓани во насока на транспарентно и заедничко делување во спречувањето на ширењето на епидемијата, - додаде Чулев.

Секторот за внатрешни работи Куманово заклучно со денес има поднесено три кривични пријави кои се однесуваат на непочитување и неспроведување на мерките од владата и согласно со член 206 од кривичнио законик доставени се кривични пријави до јавното обвинителство.

Апелирам до граѓаните да ги почитуваат препораките од владата и да се воздржат од патување во странство, заклучи Чулев.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk