Министерот Шабани и Дамјановски засадија дрвца на Даштев рид

02.12.2015 12:43 | KumanovoNews

Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани и градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски денеска засадија дрвца на Даштев рид во рамки на акцијата Ден на дрвото.

Министерот Шабани и Дамјановски засадија дрвца на Даштев рид

Шабани истакна дека многу градови се соочуваат со загаден воздух и затоа е важно да се засадат што повеќе дрвја.

Подолго време се инвестира и веќе резултатите се на виделина. Велам заради фактот дека поради толку големи загадувања низ сите наши градови, добро е да се подигне свеста на уште повисоко ниво, да се апелира уште повеќе, да се сензибилизираат сите можни категории да што почесто инвестираме во нашата екологија, нашиот воздух заради иднината на нашите деца и на сите нас - изјави Шабани.

Градоначалникот Дамјановски рече дека земјината топка се соочува со загадување и треба да се преземат мерки.

Екологијата е централна тема во светот. Македонија се приклучува на таа агенда. Ова е еден сегмент од заштита на животната средина. Пред тоа разговаравме со министерот и за други еколошки проекти. Ние на меѓугранична соработка работиме на многу проекти заедно со Министерството за локална самоуправа и можно е наредната година да реализираме неколку проекти. Мора многу да се работи на свеста на граѓаните, на една еколошка култура - рече градоначалникот.

На Даштев рид пошумуваа и членови на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Куманово.

Без разлика на партиска припадност, без разлика на етничка припадност сите да направиме нешто за нашиот град. Ова е еден проект кој што е поддржан буквално од сите во Република Македонија, еве и ние го поддржуваме. Мој апел е само до граѓаните на Куманово и после засадувањето да направат нешто за одржување на овие садници тука, да ги погледнат одвреме навреме, да не се уништат - вели Драган Петковски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Куманово.

На Даштев рид голем број ученици и граѓани засадија садници чемпрес и бор. Од “Шумско стопанство“ велат дека се засадени околу 15.000 садници.

Мислам дека условите се добри, има влага и 80 до 90 отсто ќе се зафатат од дрвцата - кажа Ваит Саити, директор на „Шумско стопанство“.

Учениците кои се вклучија во акцијата, велат дека од преходните години имаат искуство со пошумување и се надеваат дека на Даштев рид ќе се создаде убав зелен појас за неколку години.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk