Мишо Стојановски од Куманово го освојува светот на мозаикот на интернационалната сцена

05.11.2023 12:51 | Жаклина Цветковска

Младиот кумановец Мишо Стојановски кој ја изучува уметноста на мозаикот во Италија, се повеќе го потврдува својот талент со нови и нови признанија што му се доделуваат на интернационални конкурси и од еминентни светски мозаисти.

Мишо Стојановски од Куманово го освојува светот на мозаикот на интернационалната сцена

Најновото признание е освоена втора награда на Интернационалниот конкурс за мозаик, организиран од Интернационалната асоцијација на современи мозаисти (AIMC).

Делото на Стојановски, со наслов „Заратустра“ ја одушеви жири комисијата и публиката и уште еднаш потврди дека овој млад уметник од Куманово ја гради својата препознатливост на европската и светска интернационална сцена на мозаисти. Инспирација за најновиот  мозаик, пак, тој наоѓа во филозофската  идеја на Фридрих Ниче и  неговото  дело “ Така говореше Заратустра“.

„Вечното враќање или вечното повторување е филозофски концепт според кој времето се повторува низ една бесконечна јамка и истите настани ќе продолжат да се случуваат на ист начин, одново и одново, во бесконечност, како што смета Ниче. Така, делото и појавата на античкиот карактер на Заратустра доведе и до инспирација за креирање на мојот истоимен мозаик.  Во текот на работниот процес во него вклучив и скулптурални елементи, кои се претопуваат и обединуваат со мозаикот. Имено, истражувањето за оваа дело беше базирано на трите архајски прашања: Од каде доаѓаме? Што сме ние? Каде одиме? А дали има одговор на нив, се уште е мистерија“, вели Стојановски.

На Интернационалниот конкурс за мозаик учествувале 32 дела од мозаисти од Кина, Египет, Хрватска, Грција, како и дела од Академиите за убави уметности во Италија. Била претставена 4-та едиција од конкурсот Студентска награда (P.A.S- Premio Aimc Studenti),  посветена на Исота Фиорентини Ронкуци , чија цел е да се промовира јазикот на мозаикот на светско ниво.  Првото место е доделено на мозаикот  „Шијун“ од авторката Ли Ле од Универзитетот за уметност во Гуангкси, а третото место на Ванг Тијантиан од Академија за убави уметности од Сечуан за делото „Топлотен бран“.

Оваа награда за Мишо следува само после 10-тина дена откако му беше доделена  втора награда  за мозаикот „Метемпсихозис“ од страна на Фондацијата Паолина Бруњатели од Милано која ги поддржува младите таленти во науката и уметноста.  

Кумановецот Мишо Стојановски е на постдипломски студии на престижната Ликовната академија во Равена, Италија, каде има завршено и додипломски студии. Минатата година тој беше прогласен и за победник на конкурсот за мозаик „Илустрирање на комедијата: Пеколот“, во Равена, посветен на  700-годишнината од смртта на најпознатиот италијански поет Данте Алигиери, како и на 19-то издание на Саемот за уметност во Форли, Италија (Vernice Art Fair) на кој неговиот мозаик „Conflictus“  доби награда за уметничко дело со најдобар современ истражувачки пристап.

 

 

 

 

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk