Мизерни услови за првачињата кај Соколана

05.09.2013 14:03 | KumanovoNews

Руинирани тоалети, дотрајани прозорци, скршени стакла, стари клупи и столчиња, напукнати ѕидови и подови, ѓумбе и дрва за огрев ги дочекаа првачињата во основните училишта “Крсте Мисирков“ и “Браќа Миладиновци“, кои посетуваат настава во училниците кај Техничкото училиште.

Мизерни услови за првачињата кај Соколана

Револтирани поради мизерните услови во кои ќе учат нивните деца, родителите бараат надлежните институции од централната и локална власт да го реновираат објектот.

Ходниците се катастрофа, не е варосано, една сијалица нема како што треба. Стаклата се искршени, вецеата руинирани. Вратите не се затвараат. Четири дена доаѓаме овдека и не можеме да се помириме со фактот дека детето ќе ни учи тука. Срамота е првиот впечаток на малите деца да биде ваков, па што ќе ги привлече да  доаѓаат на училиште и да учат. Моето дете е многу разочарано и самото вели дека училиштето не личи на ништо - вели  Горан Г. татко на прваче.

Родителите кажуваат дека претходната година имало случај кога дете паднало по стрмните скали и скршило заб, а не е безбедно и поради тоа што стаклата на прозорците се разнишани. Се плашат и од заразни болести.

Бараме да се реновира барем санитарниот чвор, да има елементарни услови децата да има каде раце да измијат.  - додава Лидија Мицевска, мајка на прваче.

Родителите тврдат дека и самите учеле во истиот објект и оттогаш ништо не е сменето.

Од ОУ “Крсте Мисирков“ одговараат дека наскоро се планира реновирање на објектот со средства од локалната самоуправа . Потврдуваат дека оваа училишна зграда не е реновирана 50 години, а во неа од двете училишта учат 250 ученици од 1 до 5 одделение.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk