Младинскиот оркестар ги разнежни кумановци на празникот на виното и љубовта (видео)

15.02.2024 13:44 | Оливера Пешевска

Младинскиот оркестар синоќа одржа концерт во Центарот за култура, по повод денот на виното и љубовта.  На репертоарот беа популарни, добро познати мелодии од домашни, регионални и странски пејачи, во кои уживаше многубројната публика.

Младинскиот оркестар ги разнежни кумановци на празникот на виното и љубовта (видео)

Во оркестарот членуваат солистите Анастасија Филиповска, Мима Младеновска и Филип Гелевски. Филип Стојковски и Марио Тимчевски, гитара, бас гитара- Никола Стојковски и Иван Јовановски, клавијатури Јован Цветковиќ, на дувачки инструменти Иван Стајковски и Дејан Цветковски, а на тапани Иван Михајловски и Евгениј Свилар.

„Од овие талентирани деца добивме неколку дипломирани музичари и педагози, но и гитарист кој членува во  познат бенд и редовно настапува. Радува фактот дека постојано се подновуваме со нови членови и го подмладуваме оркестарот, па името „младински“ ќе продоложи да опстои“, истакна Александар Митрички, основач и уметнички раководител на оркестарот.

Специјална гостинка на вечерта беше Магдалена Божиновска, ќерка на композиторот Миодраг Божиновски- Миче, која отпеја две негови песни, а изненадување беше и настапот на 14- годишниот Вања Петровиќ, ученик во „11 Октомври“ кој извонредно изведе една песна од ненадминливиот Тоше Проески. 

Вечерта заврши со чаша вино, во чест на денот на виното и љубовта. Малата сала во Центарот за култура беше претесна да ги прими сите посетители, кои дојдоа на концертот.

Младинскиот оркестар постои повеќе повеќе од 4 години и има настапувано на многу манифестации и настани во градот, но одржал и повеќе целовечерни концерти во Куманово. Во 2021 година освои Гранд при на Натпреварот за млади музичари во Штип.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk