Младите да гласаат по сопствено убедување, порача амабсадорот Пломп

17.11.2016 22:26 | KumanovoNews

Младите од Куманово денеска му се пожалија на холандскиот амбасадор Ваутер Пломп дека се гневни поради политичката состојба во држава и дека постојано се под притисок од политичките партии за кого да гласаат.

Младите да гласаат по сопствено убедување, порача амабсадорот Пломп

„Разочарани сме од севкупната состојба во државата, која се одразува во секојдневниот живот на младите. Се чувствуваме потчинети бидејќи политичарите одлучуваат за нашиот живот. Постојано сме под притисок за кого да гласаме, - рекоа дел од студентите на дебатата „Македонија и ЕУ во предизборниот процес“.

Амбасадор Пломп ги повика младите да не гласаат за партиите кои им вршат притисоци, туку по сопствено убедување.

 „Мислам дека најбитната порака е дека граѓаните треба да гласаат, бидејќи нивниот глас е нивната иднина. Една од работите кои што беше кажана денеска беше загриженоста заради нерегуларностите во изборниот процес кои што биле во минатото, но тука е Специјалното јавно обвинителсто кое треба да ги расчисти овие сомневања. Во случај да има пак нерегуларности и притисоци ги охрабрив сите да ги пријават во надлежните институции, – изјави Пломп.

На дебатата учествуваше и градоначалникот Зоран Дамјановски, кој посочи дека испитувањето на јавното мнение покажало дека над 40 проценти од луѓето сметаат дека тајноста на гласањето не е загарантирана и дека владата знае за тоа.

„Целта беше да се даде силна верба, пред се на младите луѓе, кои треба да ја пренесат пораката, гласањето да биде личен и персонален став. Која влада ќе не води после 12 декември е одлука на граѓаните, а меѓународната заедница е тука само да мониторира и да ги обезбеди адектавните услови за фер и демократски избори“ – изјави Дамјановски.

Да не потпаѓаат младите под притисок на политичките партии порача и заменик Народниот правобранител Насер Вејсели од Кумановската канцеларија.

„Вие сте движечката сила во државата и вие треба да дејствувате овие појави да се сменат. Не треба да потпаѓате под притисок на политичките партии и да не се спротивставувате. Не дозволувајте да ве поткупат со еден резервоар гориво и со една телефонска картичка. Да се запрашаме колку и самите сме виновни што лесно потпаѓаме под нечие влијание? Не уценуваат кога ќе најдат добро тло, но не и кога некој ќе им се спротивстави. Вие младите треба да знаете за што се борите и да истраете во тоа, - порача Вејсели.

Трибината беше организирана од Центарот за интеркултурен дијалог (ЦИД) во соработка со Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија и општина Куманово.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk