Младите дискутираа за Националната стратегија за млади

03.11.2015 13:02 | KumanovoNews

Младите од Куманово и претставниците на младинските организации денеска дискутираа за Националната стратегија за млади за период 2016-2025 година, која треба да биде усвоена во декември.

Младите дискутираа за Националната стратегија за млади

Се работи за стратегија која ја креираат младите во соработка со државните институции и Агенцијата за млади и спорт, а се однесува на младинско учество, младинско информирање, локална младинска работа, вработување и поддршка при вработување, здравство и превенција, спорт, квалитет на живеење, образование и култура.

Ова е една од претпоследните дискусии кои што ќе се одвиваат во вашиот град. По завршувањето на дискусиите, нацрт текстот ќе биде повторно модификуван согласно коментарите кои што ги добивме во изминатиот период од градовите кои што ги посетивме. Се очекува оваа стратегија да биде усвоена од Владата во средината на декември и да започне со имплементација следната година - изјави Зорица Стаменковска, советник за меѓународна соработка во Агенцијата за млади и спорт.

Младите досега на повеќе од 40 тематски работилници се изјасниле дека сакаат поголемо учество во процесот на носење одлуки и подобри услови за вработување.

Повеќе културни настани за младите во повеќе градови низ Македонија, да не биде сè сконцентрирано во главниот град. Исто така младите многу често побаруваат повеќе спорт и почести спортски активности, достапност на салите. Се бара да се изврши и регулирање на младинската работа како еден сегмент за кој кај нас нема посебна регулатива - вели Дејан Докузовски од УНДП.

Докузовски вели дека младите сакаат неформално образование, пристап до меѓународни библиотеки, подобрување на нивниот животен стандард и слично.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk