Моите деца го обожаваат Даниел Кајмаковски

23.05.2016 13:01 | KumanovoNews

 „Даниел беше наш фаворит во емисијата, но ние навивавме за него и кога учествуваше на Икс Фактор. Децата многу го сакаат „

Моите деца го обожаваат Даниел Кајмаковски

„Не ми се верувам дека Даниел ги даде парите за лекување на моите деца. Пресреќна сум, немам зборови со кои можам да го опишам чувството. Тоа се големи пари за мене и многу ќе ни помогнат„- вака го почна телефонскиот разговор Јасмина Додевска, мајка на двете болни деца од кумановската населба Пуковско.

Веста дека македонскиот учесник во музичкото шоу, „Твоето лице звучи познато„,освоил прво место и фондот од наградата ќе ја донира за лекување на нејзините две деца, Јасмина ја дознала од нејзините пријатели и роднини, кои по полноќ почнале да и вртат на телефон.

„Бев многу уморна и си легнав. Постарата ќерка ми рече да гледам дали Даниел ќе победи, но јас не го дочекав крајот на емисијата. По полноќ почна да ми звони телефонот, се уплашив не знаев за што се работи. Тогаш ми кажаа дека Даниел ќе ја донира наградата на нашето семјство. Бев многу изненадена и во прв момент не ми се веруваше. Се вклучив на Интернет и тогаш се уверив дека е точно, - раскажува Јасмина.

Предходно никој не ги контактирал ниту пак имало најава дека ќе се случи вакво нешто. Јасмина и нејзините деца секоја недела го следеле музичкото шоу и навивале за Даниел.

Даниел беше наш фаворит во емисијата. Но ние навивавме за него и кога учествуваше на Икс Фактор, децата многу го сакаат, - додава Јасмина.

Јасмина денеска со својот син Александар биле на детската клиника во Скопје, каде вршеле некои дополнителни испитувања, по што целата документација ќе ја достават до Фондот за здравство да обезбеди средства за операцијата. По објавувањето на нејзината потресна судбина дека се потребни повеќе од 100.000 евра за трансплантација на црн дроб на нејзиното седугодишно синче се јавиле лекари од една приватна клиника да го извршат сложениот зафат.

Операцијата треба да се изврши под итно, бидејќи болеста брзо напредува и постои опасност да ги оштети останатите виталните органи на младиот организам.

„Лекарите рекоа дека е потребна брза интервенција за да се спаси јетрата, за да не настане влошување на состојбата. Бубрезите веќе се многу зголемени, може да дојде и до откажување на нивната работа“,- вели Јасмина.

Покрај Александар, истата дијагноза ја има и неговата една година постара сестричка, но болеста не е во толку напредна фаза. Јасмина е самохрана мајка со три малолетни деца. Живее со 13.000 денари социјална помош по основ на додаток на децата. Од јули минатата година трае битката на лекарите со опаката болест на второоделенецот.

Сите кои сакаат да помогнат на семејството Додевски:

Централна кооперативна банка- АД Скопје,

денарска сметка ж.с. сметка 320500025832633

Јасмина Додевска



Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk