Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ученици и професори од техничкото училиште „Наце Буѓони“ во Куманово, со настава на албански јазик беа домаќини на прославата на муслиманскиот празник Курбан-бајрам.
Со празнична трпеза полна со традиционални специјалитети од печено јагнешко до баклава, домаќините ги пречекаа гостите од сите верски заедници од градот. Претставници на Советот на Општина Куманово, на локална самоуправа, ИВЗ, МПЦ, директори на основни и средни училишта, професори, тимови на безбедност од СВР Куманово и ученици имаа можност да се запознаат со обичаите и храната што се подготвува за големиот празник. Гостите ги поздрави и топло добредојде им посака домаќинката, директорката на техничкото училиште, Лидија Михајловска.
„Нека им е среќен празникот на сите што го слават. Ако овој празник е значаен за нашите големи пријатели, соработници, другари и професори, тогаш е значаен и за нас. Затоа сме денеска тука во училиштето каде што настава се изведува на албански јазик, сите заедно да славиме и да другаруваме, затоа што сме заедно и кога работиме и кога постигнуваме успеси“, рече Михајловска.
Таа потсети дека во нивното училиште отсекогаш се негувале верската толеранција, рамноправност и соживотот и порача така ќе остане и во иднина, бидејќи тие искрено ја почитуваат секоја култура и традиција, независно од етничката и верска припадност на учениците и вработените, каде што настава се изведува на македонски и албански јазик.
„Денеска сме ние домаќини, но сите заедно бевме и на Божиќ, што значи ги почитуваме вредностите и на Македонците, Србите, Албанците, Ромите, на сите кои живеат во нашиот град. Ние сме пример за добра меѓуетничка соработка, мора да ги следиме патиштата на Советот и на Општина Куманово, кои се пример за соживот и толеранција“, порача Михајловска.
Заедничките прослави на големите верски празници Божиќ, Велигден, Курбан-бајрам, Бајрам, Св. Сава, Василица и други на етничките заедници во Куманово се реализира веќе 6 години преку проектот „Безбедни училишта“ на Секторот за превенција при СВР Куманово и основните и средните училишта во градот. Целта е новите генерации ученици да ги запознаат различностите, традицијата, верата, културата, обичаите и преку поголема комуникација, соработка и со меѓусебно почитување да се зголеми безбедност во училиштата и да се намали меѓуетничката нетрпеливост и нетолеранција. На почетокот проектот беше поддржан од ОБСЕ а сега е усвоен како задолжителна активност на училиштата во Куманово. На прославите редовно доаѓаат и претставници на верските заедници кои зборуваат за значењето на празниците.
„Се радувам што денешниот верски празник е празник на соработка и запознавање. Денеска сме присутни на оваа прослава и јас посакувам оваа соработка да продолжи и понатаму. Главната порака на нашата средба е дека верата произведува толеранција. Покажавме дека знаеме да живееме заедно. Многу сум почестен што сум со вас и во свое лично име и во име на Кумановското муфтиство ви го честитам празникот Курбан-бајрам, посакувајќи сите празници да служат за верска толеранција и понатамошна соработка“, рече кумановскиот муфтија Мухамед Јашари.
Учениците кои беа на прославата велат дека овие дружења се нови за нив и тука ги запознаваат обичаите на нивните врсници, дознаваат за значењето на празниците и се радуваат на секоја наредна средба.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk