Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
МВР ги демантира информациите пласирани во јавноста дека градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски, попладнето бил приведен во СВР Куманово.
Ниту тој, ниту неговиот соработник, не се приведени на информативен разговор како што објавија порталите повикувајќи се на „извори од партијата“.
Како што стои во соопштението:„Станува збор за сообраќајна контрола на полициска патрола во центарот на градот. Откако било забележано лице кое од претходно и е познато на полицијата како управува возило на општина Куманово, истото било запрено. Полициските службеници констатирале дека лице кое што управувало службено возило на општината воопшто и не било вработено таму. Истовремено забележале во општинското возило материјали на една политичка партија и зеле еден примерок од листовите.
За целиот настан ќе биде изготвен соодветен записник и ќе бидат известени и надлежните во општината за злоупотреба на возилото од лица кои не се вработени таму.
Градоначалникот и неговите советници неповикано дошле во СВР Куманово. Се обидувале да појаснат дека, иако врнело дожд, во сабота попладне, возилото му било дадено на лице невработено во општината за „да го однесе на перење“.
МВР ги повика политичките партии да се однесуваат достоинствено и да дозволат утрешните избори да бидат празник на демократијата.
Да не се обидуваат со никакви сценарија да го нарушат најсветото демократско право, граѓаните сами да одлучат која од политичките понуди им гарантира просперитетна иднина- порачуваат од МВР.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk