На 2 Август ќе се пушти во употреба реконструираната спортска сала во Куманово

31.07.2025 11:22 | KumanovoNews

Во сабота, на 2 Август, официјално ќе биде пуштена во употреба реконстуираната спортска сала во Куманово.

На 2 Август ќе се пушти во употреба реконструираната спортска сала во Куманово

Свеченоста ќе се одржи во 19.30 часот  пред почетокот на кошаркарскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Романија. На присутните ќе им се обрати градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. На свеченоста е поканет премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски, како и други гости.

По завршување на церемонијата, во 20:00 часот ќе започне  натпревар помеѓу сениорските репрезентации на Македонија и Романија, во организација на КФСМ, како претквалификации за Светски куп 2027.

Реконструкцијата на спортската сала во Куманово започна во октомври 2023 година, и досега се потрошени околу 4 милиони евра.

Заменет е кровот и трибините, реновирана е внатрешноста на објектот, поставен е нов паркет, електротехничка аудио и видео опрема и мултуфункционален семафор. Останува да се заврши централната вентилација и климатизација, за што се одобрени средства од унгарскиот кредит.

Владата во 2020 година ја врати спортската сала на Општина Куманово, откако со неа стопанисуваше приватен субјект.

Спортската сала во Куманово е изградена 1980 година и има капацитет од 4.150 седишта. Таа е најголемиот затворен спортски објект во Куманово, каде се одржуваа кошаркарски, ракометни, футсал, одбојкарски и боксерски натпревари. Откако таа не е во функција за спортските натпревари се користат училишните сали.

Проектирана е од архитектите Трајко Димитров и Живко Гелевски во 1979, а ја добила големата награда на Биеналето на македонската архитектура (БИМАС) во 1981 година.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk