На фарма во Тромеѓа откриена африканска чума

05.01.2024 17:08 | Сузана Николиќ

Во кумановското село Тромеѓа потврдено е присуство на африканска чума. Лабораториските наоди од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје покажале присуство на болеста африканска чума кај свињите.

На фарма во Тромеѓа откриена африканска чума

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека засега состојбата е стабилна и се спроведуваат потребните мерки за заштита од ширење на болеста. 

„На фармата со 600 животни од различни категории, угинати се 60 свињи. Врз основа на епидемиолошката состојба и добиените лабораториски наоди од Ветеринарниот институт при Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, потврдена е болеста африканска чума кај свињите, во засегнатите подрачја воспоставени се заштитна и зона под надзор. Заштитна зона е во радиус од 3 км околу потврденото жариште и ги вклучува населените места Тромеѓа и населба Карпош во Општина Куманово“, велат од АХВ.

Во кризните подрачја се врши отстранување на сите свињи кои се наоѓаат во одгледувалиштата каде е потврдена болеста како и во сите контактни одгледувалишта каде не може да се исклучи присуството на болеста. Истовремено се чистат и дезинфицираат објектите, просториите, опремата и возилата на одгледувалитата каде е спроведена депопулација.

Под надзор е зона во радиус од 10 км околу потврденото жариште коjа ги вклучува следните населени места: Карабичане, Табановце, Четирице, Горно Коњаре, Долно Коњаре, Речица, Режановце, Лопате, Бедиње, Клечовце, Проевце, Љубодраг, Шупљи Камен, Черкези, Зубовце, Романовце, Бељановце, Доброшане и градот Куманово во Општина Куманово, Старо Нагоричане, Младо Нагоричане и Никуљане во општина Старо Нагоричане, Ваксинце и Опае во Општина Липково.

Поради појавата на африканска чума затворен е пазарот за добиток во селото Долно Којнаре.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk