На локалитетот Градиште во Младо Нагоричане имало развиена аристократија уште во 4-3 век п.н.е.

30.06.2021 10:51 | KumanovoNews

На локалитетот Градиште во Младо Нагоричане откриени се значајни наоди со најновите археолошки ископувања, кои упатуваат на негова целосна интегрираност во цивилизациските текови на Медитеранот, поврзани со силниот цивилизациски импулс предизвикан од освојувањата на Александар Македонски и неговите наследници.

На локалитетот Градиште во Младо Нагоричане имало развиена аристократија уште во 4-3 век п.н.е.

Археолошките ископувања, кои ги вршеше НУ Музеј Куманово, се предвидени со годишната програма за култура за 2021 година, целосно финансирани од Министерството за култура.

„Ископувањата беа изведени на два сектора- Средна и Долна тераса. На Средна тераса се работеше во две сонди, кои ја потврдија стратешката улога што овој дел од локалитетот ја имал. Констатирани се повеќе фази од ѕидање на внатрешниот бедем (утврдување), кој имал за цел да ја заштити акрополата на населбата и од внатрешната страна. Ваков елемент на утврдување е откриен и во Кнежје (претпоставена Билазора), Глоска Чука (Валандово) и Вардарски Рид (Гевгелија). Ова пак, само по себе, зборува за постоење на развиена аристократија, која владеела со останатите жители на утврдувањето, и тоа во подолг временски период. Резултатите кои ги добивме со истражувањето на овој сектор се значајни поради социјалниот и економски сегмент кој ни го даваат, што зборува за класно диференцирање и постоење на благороднички статус уште во 4-3 в. пр. н.е.“, вели Дејан Ѓорѓиевски, раководител на истражувањата.

На секторот Долна тераса, пак, откриени се повеќе артефакти, кои зборуваат дека овој краен дел од населбата, претежно карпест, можеби се користел за исполнување на некои ритуали и почитување на култови, поврзани со долгата регионална традиција на дивинизирање на карпата како божество.

„Откриени се повеќе јами и кружни конструкции, покрај кои биле оставани дарови од различен тип. Вакви ритуали се контстатирани и на Кокино и Пелинце, но нивното практицирање престанало скоро 1000 г. пред да се повтори на овој локалитет. Самите наоди, покрај регионалното производство, зборуваат и за силните конекции кои локалитетот ги имал со античкото кралство Македонија, кои, пред се, се гледаат преку накитот и импортираните садови, кои датираат од 4-3 век п.н.е.“, вели Ѓорѓиевски.

Локалитетот сам по себе продолжува да изненадува со својата развиеност посочуваат од Музеј Куманово, кој е носител на дозволата за археолошките ископувања на овој локалитет.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk