На мигрантите во џамијата неопходна им е помош од граѓаните

15.06.2015 14:53 | KumanovoNews

Мигрантите кои престојуваат во Градската џамија додека да го продолжат патот за Србија, бараат помош од хуманите граѓани.

На мигрантите во џамијата неопходна им е помош од граѓаните

Потребни им се лекови, средства за лична хигиена и производи за бебиња. Неколку граѓани самоиницијативно се понудиле да им помогнат и ги повикуваат и другите хумани кумановци да се вклучат во акцијата.

Граѓаните треба да донираат во Црвен Крст, а Црвен Крст има пункт на влезот во Куманово пред бензинската. Сакам да апелирам до граѓаните, не е нелегално да донесат помош, млеко, влажни марамици, пудри за бебиња. Вчера имаше петмесечно бебе кое со своето семејство замина за Србија. Барем на бебињата и жените да им помогнеме, јадење тие си купуваа самите - изјави Маре Бојковска, граѓанка.

Денеска мигрантите на овдешните граѓани им ги продаваа велосипедите кои ги купиле во Гевгелија, бидејќи ќе заминат за Србија и велосипедите понатаму не им се потребни. Дваесет и шестгодишниот Халит Муса вели дека секој ден во кумановската џамија доаѓаат по 200 мигранти, преноќуваат и заминуваат за Србија.

Многу бебиња доаѓаат овде. Им треба млеко, средства за хигиена. Им треба лекарска помош, затоа што многу од нив имаат проблеми со стапалата и нозете. Имаше неколку волонтери кои ни помогнаа, но тоа не е доволно. Дојдоа двајца луѓе ноќеска и се обидоа да нападнат еден стар човек. Мислам дека беше тоа за да му ги земат парите. Ако има полиција околу џамијата , ќе бидеме побезбедни - објаснува Халит Муса.

Младиот Халит Муса на патот низ Македонија наишол на секакви луѓе, се соочил со многу опасности, а негова желба е да замине во Германија и да си обезбеди подобар живот. Вели дека во неговата родна земја е опасно да се остане поради војната.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk