На свечена седница доделени Ноемвриските награди

11.11.2018 18:36 | KumanovoNews

Со свечена седница во Центарот за култура „Трајко Прокопиев” на која беа доделени ноемврските награди, заврши годинешнава прослава на 11 Ноември - Денот на ослободувањето на Куманово.

На свечена седница доделени Ноемвриските награди

Градоначалникот Максим Димитриевски во говорот се осврна на богатата историја на Куманово, на плановите и активностите кои ќе следат, воедно беше и презентрани видео материјал за сработеното во изминататa година.

Немаме намера да застанеме, заедно со нашите стопанственици, користејќи ги потенцијалите во градот, ќе продолжиме да го развиваме малото и средно стопанство и да го сочуваме она што досега е сработено, - рече Димитриевски.

Свечената седница ја отвори претседателката на Советот на Општина Куманово, Атина Мургашанска, која истакна дека секоја генерација има своја борба, а оваа генерација има обврска да ја сопре економската миграција.

Наша задача и приоритет како политичари и креатори на општествените текови, мора да биде иднината на нашите деца. Европските вредности и стандардите за кој сонува секој млад човек да бидат применети во нашата средина. Да ги мотивираме младите семејства овде да ја планираат својата иднина, а своето знање да го инвестираат во растежот и развојот на нашата земја, - рече Мургашанска.

Пред присутните се обратија и советниците Самет Салиевски, Ненад Ѓорѓевиќ и Хана Џељадини, на својот мајчин јазик.

 На свеченоста беа доделени Ноемвриските награди на: метеорологот Борис Секирарски, академскиот сликар Страхил Петровски, актерот Горан Илиќ, докторот Фадиљ Малиќи, спортскиот новинар Марјан Стошевски и боксерскиot тренер Реџеп Реџеповски. Ноемвриската награда во областа на стопанството доби кланицата БДА.

На неколкумина кумановци меѓу кои професор: професор Добривоје Стошиќ, Сузана Ангеловска, Драгољуб Стефановска, Душка Дуња Гиевска, доктор Аднан Сулејмани им беа врачени и признанија од градоначалникот Димитриевски.

Во име на наградените се заблагодари сопственикот на компанијата БДА, Најден Бајдевски, кој истакна дека е чест да се биде добитник на највисокото општинско признание, но истовремемо и обврска за да се оправда довербата во наредниот период.

 На прославата по повод 74 години од ослободувањето и 499 години од постоењето на Куманово, присуствуваа борци, министри, амбасадори, градоначалници, советници, претставници од АРМ, МВР, делегации од збратимените градови, јавни институции и претпријатија, кои претпладнето положија цвеќе на Спомен костурницата на паднатите борци во НОБ.

Програмата беше збогатена со перформанс на денс студиото „Фјужн“ и членови на културно-уметничкото друштво во Центарот за култура.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk