На свечена седница беа доделени ноемвриските награди

11.11.2024 20:52 | Оливера Пешевска

По повод 80-години од ослободувањето од фашистичкиот окупатор, и 505 години од постоењето на  Куманово, денеска во големата сала на Центарот за култура, се одржа свечена седница на Советот на Општина Куманово, на која присуствуваа бројни гости- претставници од национални и локални институции и установи, верски заедници, здруженија и невладини организации, спортски клубови и граѓани. 

На свечена седница беа доделени ноемвриските награди

На присутните им се обратија советниците Самет Салиевски, Хузеир Мустафи и Саша Николиќ, претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска и градоначалникот  Максим Димитриевски.

„Сакам да ја истакнам важноста на нашата локална самоуправа која и понатаму успешно одржува отвореност, транспарентност и достапност во служба на граѓаните. Резултатите се видливи во стабилниот развој на Куманово и подобрување на условите за живот. Презедовме обврска кон граѓаните за достапност на услуги и мерки кои секојдневно се спроведуваат. Граѓаните се наш приоритет, должни сме да им обезбедиме просперитет и благодет на бројните семејства кои овде живеат и работат“, истакна  Димитриевски.

На свеченоста беа доделени и ноемвриските награди - највисокото општинско признание за 2024 година. Годинешни добитници се: Никола Давидовски, кој го испеа безвременскиот хит „Земјо мила”, Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора, Столе Димитриевски, голман на Валенсија, Националната установа Музеј Куманово, Здружението за ликовна уметност „Форма Куманово” и хуманитарната организација „Крепост”. 

Благодарници и признанија лично од градоначалникот добија Боби Серафимовски, музичар, Гоце Илиќ крводарител и заедницата на станари „Сума“, за уредување на детското катче.

Во име на наградените се заблагодари Агрон Фазлија, кој најави дека ќе дадат се од себе за да ја оправдаат довербата и да помогнат во развој на  локалната заедница.

На свечената седница беше прикажана видео презентација за достигнувањата на општината,  и културно-уметничка програма.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk