Набавка на седум камиони и надградба на скада системот приоритет на „Водовод“ во 2025 година

16.12.2024 15:07 | Оливера Пешевска

Набавка на седум товарни моторни возила е една од поголемите инвестициите кои ги планира ЈП „Водовод“ Куманово во наредната година.

Набавка на седум камиони и надградба на скада системот приоритет на „Водовод“ во 2025 година

Паралелно ќе се работи на отпочнување на проектот за надградба на скада- системот за употреба и одржување на водоводниот систем во Куманово. 

Директорот Оливер Стојмановски пред советниците ја образложи прогармата за наредната година.

„Последното набавено товарно возило е од 2009 година, останатите кои ги имаме или се расходовани или нивното одржување чини поскапо отколку да набавиме нови. Очекуваме дека месечната рата за набавката би изнесувала од 130 до 150 илјади денари. Нашите оперативци и вработени на терен имаат секојденвна и неопходна потреба од набавка на вакви возила“, истакна Стојмановски.

Проекциите се дека за оваа инвестиција претпијатието би требало да издвои околу 250 илјади евра.

Средства, во висина од 1,3 милион евра се набавени за надградба на проектот за употреба и одржување на водоводен ситем во Куманово- Скада систем. Финансиите се обезбедени преку Европската инвестициона банка, а се одвива преку Министерството за животна средина и просторно планирање. Претпријатието добило известување поднесениот проект е одобре, некаде во март очекуваат отпочнување на постапката за јавна набавка. Сите градежни и инсталациони работи се предвидува да завршат по околу 9 месеци од отпочнување на проектот, што значи дека би се финализирал кон средината на 2026 година. Скада системот значи автоматско управување и анализа со податоци како што се распределба и проток на вода, сигнализации и аларм за отстапување во водоводната мрежа.

Што се однесува за втор дел набавка на ултразвучни водомери „Водовод“ има подготвено техничко- проектна документација, се бараат средства за негова релизација.

„Првиот е успешно имплементиран во 2017 година. За ова бараме извор на средства кои се потребни, јавното претпријатие само по себе нема да може да ги инвестира. Документацијата е доставена до неколку инситуции кои можат да обезбедат пари, доколку сето тоа се реализира, ќе биде одлично за јавното претпријатие“, објасни директорот Стојмановски.

Тој додаде дека тековните работи од програмата за годината што изминува се извршени според планираното, но претпријатието заостанува во делот со планирани инвестиции. Поради законските обврски секоја година ги наведува во предлог програмата, надевајќи се дека во меѓувреме ќе се најдат пари за спроведување на капитални вложувања.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk