Над 300 тони ѓубре исчистено од дива депонија покрај Куманово

29.06.2019 17:08 | KumanovoNews

 Над 300 тони смет и шут беше изнесено од дивата депонија на регионалниот пат Куманово- Свети Николе, пред населбата Проевце, во еколошката акција што денеска ја организираа волонтерите на граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“.

Над 300 тони ѓубре исчистено од дива депонија покрај Куманово

Во чистењето се преклучи и механизацијата на ЈП „Чистота и зеленило“ и Општина Куманово, кои подигнаа  и отстраниа 27 приколки од камион и  трактор најразличен отпад, кој несовесните граѓани го фрлаат покрај патот.

„ Ова депонија е со цврст отпад и шут, меѓутоа за мотивација и за старт почнавме од тука. Кумановци живеат во ѓубре, кое секојдневно самите го создаваат. Ниту 100 јавни претпријатија не можат да исчистат колку граѓаните можат да извалкаат и да ја загадат животната средина. Затоа ова лето „Не биди ѓубре“ - кумановска параформација, ќе биде цело лето активна и ќе правиме напори секоја викенд да исчистиме по едно вакво место во општината се додека не проработи свеста кај граѓаните“, - изјави активистката Андријана Недељковски, иницијатор на акцијата.

„Ова е прва наша акција што ја организираме и се надевам дека нема да биде и последна. Очекувам дека на наредните акции ќе има повеќе луѓе и ќе помогнат да го исчистиме ѓубрето коешто со години се собирало на овие локации. Лошо е што сме навиканати на толку ѓубре и дури и не ни пречи, не го забележуваме. При ваквите акции и со постирање на слики на Фејсбук, луѓето ќе имаат повеќе мотив да се приклучат на акциите“, - изјави активистката на „Не биди ѓубре“ Јован Спасиќ, студент на ФДУ во Скопје.

Од депонијата екологистите извадија гуми, пластики, облека и друго ѓубре, а со механизација се подигаа купиштата истурен шут. На акцијата учествуваа само десетина волентери, а повторно изостана масовно присуство на граѓаните кое се најавуваше на социјалните мрежи. Поддршка дадоа градоначалникот и директорот на „Чистота“.

„Одзивот на оваа акција всушност покажува зошто ние живееме во ѓубре. На мојата објава на Фејсбук имаше стотина луѓе кои се пријавија дека ќе дојдат, а само десетина се тука. Тоа е процентот на колку им значи животната средина и колку се подготвени вистински да помогнат. Сите се работоспособни млади луѓе, кои денеска во сабота наутро можеа да дојдат и да одвојат два часа побрзо да се заврши работата, да направат нешто добро за себе и својоат град, пред се. Ние сме луѓе со сеуште не развиен осет за животна средина, за култура, за екологија “, - додава Недељковски.

Оваа е прва акција на граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“ во Куманово, каде што има голем број на диви депонии. Дел од нив редовно чистат и несовесните граѓани повторно ги создаваат.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk