Над 40 пожари имало во јануари, половината од нив на стрништа

02.02.2024 10:47 | Оливера Пешевска

Над 40 пожари се регистрирани во Територијалната противпожарна единица Куманово од почетокот на 2024 година, а од тоа 20 од нив се на отворен простор.

Над 40 пожари имало во јануари, половината од нив на стрништа

„Срамота е веќе, потпалувањето е секогаш предизвикано од човечки фактор. Во зимски услови толкав голем број на интервенции на отворено е алармантно, затоа и постојано апелираме до граѓаните да бидат внимателни кога се движат во ненаселени места“, истакнува командирот Деан Илиевски.

Во текот на вчерашниот ден пожарникарите од ТППЕ Куманово гаснеле сува трева во близина на депонијата „Краста“ и во атарот на с. Режановце. Се работи за помали интервенции кои не траеле повеќе од еден час. Реакциите се поради невниманието и негрижата на населението кои предизвикуваат пожари, но и релативно сувото време во текот на зимата погодува за лесно потпалување на сува трева и грмушки.

Покрај кумановските пожарникари интервенирале и колегите од Старо Нагоричане во атарот на с. Макреш и ТППЕ Ранковце во атарот на с. Псача.

Пожари на шуми и вегетација на отворено, според извештаите на Регионалните центри за управување со кризи во државата во последното деноноќие имало над десетина. Пријавени се запалена нискостеблеста шума, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територијата на државата.

За претстојниот викенд, ЦУК апелира за да не се палат стрништа и отпад, ѓубришта и контејнери на отворено, бидејќи тоа го загадува воздух, и граѓаните да ги почитуваат препораките на пожарникарите преку медиумите за превенција од пожари.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk