Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На Градскиот плоштад во Куманово денеска се одржа традиционалниот 20. јубилеен маскенбал „Батко Ѓорѓија“. Пред публиката се претставија 15 групни маски со над 500 ученици од основните и средни училишта, и дечиња од градинката Ангел Шајче.
За разлика од другите години оваа година маскенбалот беше со ревијален карактер, па беа врачени само благодарници на учесниците.
Овој маскенбал се одржа многу подоцна од предвиденото на почетокот на мај, па поради високите температури беше откажано традиционалното дефиле низ градот, а целата манифестација траеше многу кратко.
Иако беше презакажана додека е посвежо, и се одржуваше во периодот од 9.30 до 10.30 часот, повеќето родители си заминуваа со децата откако ќе им завршеа точките.
Директорот на Фондацијата за култура и спорт Марио Арангеловски, вчера кажа дека манифестацијата доцни поради празничните викенди и изборите, но најави дека се разгледува можноста од идната година да се одржува на Денот на шегата, што е смислата на ваков настан.
„Постоеше судир на интереси со друга институција, па затоа одлучивме да биде нешто подоцна. Интензивно размислуваме да го вратиме на 1 април, јас апсолутно се сложувам и сметам дека треба да се одржи на тој датум. Еве од наредната година, на нас како организатори не ни менува ништо“, кажа Арангеловски.
Општина Куманово за овој настан издвојува 50 илјади денари од локалниот буџет.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk