Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово бара од Јавното претпријатие за државни патишта во најкус можен рок да го уреди и соодветно да го обележи алтернативниот пат, по кој се одвива сообраќајот откако е затворен мостот на реката Пчиња на регионалниот пат Куманово - Свети Николе.
Се работи за селски пат кој ја поврзува левата страна на мостот и населбата Доброшане, а поминува низ селото Шупљи Камен по течението на Пчиња.
Од Општината велат дека алтернативниот пат е земјен и нетампониран, без соодветно обележување со информативни табли, небезбеден за сообраќај на автомобили и камиони, без сообраќајна сигнализација за забрана за движење на товарни моторни возила и за истиот не постои патоказ дека се работи за алтернативен пат на делницата Куманово-Свети Николе.
„Согласно со новонастанатата ситуација на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, поточно на мост на реката Пчиња - познат како Искрин мост, во атар на село Орашац, ги известуваме граѓаните на општина Куманово дека локалната самоуправа нема надлежност, ниту законска основа да биде вклучена во овој процес. Надлежни за
решавање на овој проблем се Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија. Општина Куманово нема добиено барање од надлежните органи за одобрение за алтернативен пат или известување дека на погореспоменатата локација ќе бидат извршени дејствија“, се вели во соопштението од Општината доставено до медиумите.
Општина Куманово, смета дека ЈП за државни патишта имала должност и обврска, пред затворањето на овој патен правец, да обезбеди непречен и сигурен алтернативен пат, кој ќе биде во функција и непречено ќе се користи од страна на сите оние, кои имаат потреба да се движат на таа локација.
„Патот каде што се вршат градежни зафати се дел од регионалната сообраќајна патна мрежа на Република Северна Македонија, поради што апелираме до надлежните институции што поскоро да изнајдат соодветно решение за непречено одвивање на сообраќајот“, велат од Општината.
Мостот е затворен на 100 дена во петокот попладне, без предходна најава, а по барање на надзорниот орган и изведувачот на работите фирмата Синтек Инженеринг ДООЕЛ, бидејќи попуштил еден од столбовите кој се реконструира.
Жителите од околните села кои гравитираат во овој дел од општина Куманово, се револтирани од ваквиот однос на надлежните и бараат од локалната самоушрава и државата да го реши проблемот, бидејќи тие немаат друг пристап до дома.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk