Најкорумпирани цариниците, судиите, полицајците и лекарите

13.02.2015 14:25 | KumanovoNews

Цариниците, судиите, полицајците, лекарите и вработените во министерствата се најкорумпирани во државата, покажало истражувањето спроведено лани од повеќе невладини организации.

Најкорумпирани цариниците, судиите, полицајците и лекарите

Во истражувањето биле вклучени над 1000 испитаници и луѓе од бизнис секторот од целата држава. Во однос на резултатите добиени од вакво истражување во 2001 и 2002 година, граѓаните сметаат дека корупцијата денес е малку намалена.

“Намалена е склоноста на населението да прибегне кон коруптивни практики, и вклученоста во коруптивни зделки е намалена споредбено со 2001 и 2002 година. Граѓаните сметаат дека цариниците и вработените во министерствата се најкорумпирани, а  искуства на корупција имале со лекарите и полицијата. 20 отсто од населението смета дека државните службеници се корумпирани, а само 8 отсто сметаат дека ретко некој е корумпиран.  Најголеми проблеми за граѓаните се сиромаштијата, невработеноста, високите цени, а корупцијата како проблем е на петтото место. Фактори кои придонесуваат за корупција се наглото богатење на личностите кои се на власт“ - вели Моника Велјановска, проект менаџер во Асоцијација за демократски иницијативи од Гостивар.

Граѓаните немаат доверба во власта и тешко би се решиле да пријават корупција, покажало истражувањето.

“Решеноста на власта да се справи со корупција е лабава. Треба да се настојува во таа насока и да се направи поширок фронт за борба против корупцијата, која претставува пречка за развој на општеството“ - рече Љуљзим Хазири, извршен директор на Асоцијација за демократски иницијативи од Гостивар.

Целта на проектот е да се поттикне дебата за корупцијата во Македонија и да се следи нејзиниот прогрес. Проектот почна во 2013 и ќе трае до 2016 година.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk