Најмалите го одбележаа Денот на шегата во градинките и училиштата (видео)

01.04.2025 13:00 | KumanovoNews

Весело, разиграно, вистински првоаприлски беше во објектите на Детската градинка „Ангел Шајче“ во Куманово. Во клонот „Развигорче“ децата од сите возрасни групи изведоа мала демонстрација во заеднички простории на објектот.

Најмалите го одбележаа Денот на шегата во градинките  и училиштата (видео)

„Поради дождот нема да излегуваме од градинката, тука маскирано и весело ќе го одбележиме 1 Април, Светскиот ден на шегата. Децата се возбудени и весели, денеска дојдоа сите од групата“, објаснија вработените.

Маските се индивидуални, децата се подготвиле дома, со своите родители. Можеше да се видат Снежана, ледената кралица Елса, немирната Маша, доктори, полицајци, ликови од популарни игри или супер херои. Љубопитно се гледаа меѓусебно, обидувајќи се да одгатнат некои од ликовите, недоволно познати кај најмалите.

Дел од персоналот исто така беше во духот на првоаприлскиот маскенбал.

И дечињата од пониските одделенија во основните училишта во градот на ист начин го одбележаа денот.  

„Секогаш излегуваме на Градскиот плоштад, годинава поради временските прилики не ја организиравме таа активност. Учениците до 5 одделение продефилираа низ училиштето со учителките, останатите „се големи“ за маскирање“, објасни Александра Стаменковска, директорка на „Крсте Мисирков“.

Ниту по улиците не се забележуваа маскирани дечиња, дожд ги задржа дома.  

  

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk