Наредната недела ќе започне новогодишното украсување на Куманово

03.12.2019 12:10 | KumanovoNews

За десетина дена ќе започне новогодишното украсување на Куманово, во пресрет на новогодишните и божикните празници.

Наредната недела ќе започне новогодишното украсување на Куманово

И оваа година ќе биде украсено централното градско подрачје слично како лани, а за таа намена се предвидени 1,5 милиони денари.  

„Јавниот оглас ќе заврши до петок и ако се биде како што треба наредната недела ќе почне украсувањето на градот. Како и минатата година ќе биде опфатено централното градско подрачје и главните сообраќајници, со слични украси и елка како лани. Буџетот е ист и изнесува 1,5 милион денари“, - вели директорот на ЈП „Куманово паркинг“, Фадиљ Шабани.

Новогодишни украси и светилки ќе бидат поставени на главните сообраќајници булеварите „Трета МУБ“ и „Октомвриска револуција“, улиците во централното градско подрачје, „Доне Божинов“, „Народна револуција“ и „11 Октовмри“, како и централниот и на плоштадот пред Центарот за култура.

Само за споредба, оваа година Скопје ќе издвои 10 пати повеќе само за украсување. Потрошени се 270.000 евра за новогодишното украсување и 97.000 евра за новогодишната населба „Винтерленд“. Новогодишната населба ќе биде долж новиот плочник кој од Градскиот трговски центар води кон Плоштадот, а музичка програма за деца и возрасни ќе има секој ден до 31 декември. За дочекот на Нова година на Плоштад Македонија ќе пее босанскиот пејач Дино Мерлин.

Во Куманово предновогодишно ќе се организира Музички хепенинг со Дедо Мраз за најмалите, а ни оваа година нема организиран пречек на Нова година. На плоштадот пред Центарот за култура се поставени тезги каде што можат да се купат новогодишни украси.


Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk