Насипи и вреќи со песок ќе не штитат од поплави

28.01.2015 12:21 | KumanovoNews

Ќе се направат насипи и ќе се ставаат вреќи со песок по должина  на речните корита, за да се создаде заштита од поплавите кои се очекуваат викендов.

Насипи и вреќи со песок ќе не штитат од поплави

Ова е само еден од заклучоците кои денеска ги донесе Општинскиот кризен штаб, кој заседаваше во Општината Куманово. Исто така градоначалникот треба да ги извести надлежните органи за преземање на дејствија за заштита и да поднесе барање до Дирекција за заштита и спасување за дополнителна механизација за интервенција на критичните точки.

  “ Општината ќе поднесе барање до Министерство за животна средина и просторно планирање за 12.000 литри нафта, кои ќе бидат употребени за машините со кои располагаат јавните претпријатија од општината.Ќе се изврши медиумско известување на граѓаните, доколку имаат потреба од евакуација да се јават на 195, а претседателите на месните заедници од критичните подрачја да се организираат за самозаштита. “Водовод“ има задача да ги провери и исчисти сливниците“ - изјави Валентина Алексовска, секретар на општина Куманово.

Критичните точки ќе бидат утврдени во текот на денот и веднаш ќе почне да се работи.

  “Времето е многу кратко, ни остануваат денешниот и утрешниот ден бидејќи во петок веќе почнуваат врнежите. Сите заедно треба да функционираме и од овој момент да почнеме да делуваме“ - кажа Горан Стојановски од Регионален центар за управување со кризи.

Во петок, сабота и недела се очекуваат обилни врнежи од дожд кои можат да предизвикаат излевања на реките.

Граѓаните кои од поплавите на 23 и 24 јануари имаат штети, треба да поднесат барање за проценка на штета во општината најдоцна до 2 февруари.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk