Наставниците си ги бараат парите за превоз

07.06.2012 07:26 | KumanovoNews

 Од регионалниот одбор на СОНК тврдат дека две години просветните работници кои патуваат во околните села и населби не добиле надомест за патни трошоци.

Наставниците си ги бараат парите за превоз

Бараат средба со градоначалникот за да се информираат кога парите ќе бидат исплатени.

Зависно од оддалеченоста на работното место, наставниците трошат од 2000 до 4000 денари месечно за пат. Околу 1000 наставници патуваат од дома до центарот на грaдот, за оттука со автобус одат до селото каде предаваат. Патни трошоци треба да им се исплатат на наставниците кои работат во Арбанашко, Орашац, Романовце, Агино Село, Бајловце и други. На последната седница е побарано заедно со ЗЕЛС и надлежното министерство проблемот да се реши што поскоро.

Револтирани сме бидејќи од свој џеб даваме пари. Мои колеги од населба Карпош доаѓаат до центар, па оттука одат за Романовце. Или од Којнаре некој да оди секој работен ден до Агино Село, тоа чини до 2000 денари месечно. Зошто да бидеме оштетени. Има наставници кои работат во местото на живеење и нив цела плата им останува - објаснуваат просветните работници.

Од СОНК велат дека квартално Министерството за образование префрла пари на општината.

Нема основ по кој тие пари би биле исплатени. Со новиот концепт на бруто плата од 2009 година, тие категории хранарина и превоз не постојат - вели Ирена Илиевска, раководител на Сектор за финансиски прашања во општина Куманово.

Наставниците се разочарани и се чувствуваат оштетени. Велат дека работа тешко се наоѓа и кога ќе им се пружи шанса прифаќаат да работат и во поодалечени села бидејќи немаат избор.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk