Не се мери загаденоста на воздухот во Куманово

27.06.2013 11:10 | KumanovoNews

Подолг период Министерството за животна средина не објавува податоци за загадувањето на воздухот во Куманово, бидејќи мерната станица поставена близу болницата не работи.

Не се мери загаденоста на воздухот во Куманово

Ве известуваме дека мониторинг станицата во Куманово не е во функција поради проблеми со мерните инструменти. Во тек е набавка на резервни делови со што се надеваме во наредниот период по обезбедување на соодветните делови, мониторинг станицата повторно ќе проработи - вели Сашо Секуловски, портпарол во Министерство за животна средина.

Иако нема податоци за квалитетот на воздухот, граѓаните сметаат дека загадување има поради големиот број автомобили во градот.

Загадено е доста. Има многу возила од кои некои стари и по 30 години и тие не задоволуваат еколошки стандарди. Сметот придонесува за загадување. Кога дува ветер не се чувствува ништо, но кога е спарно или има магла, потешко се дише - рече Часлав Младеновски, граѓанин.

За индустриските капацитети се смета дека малку влијаат на загадување на животната средина.

На ниво на држава меѓу најзагадените се вбројуваат Битола и скопските општини.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk