Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, ги отфрли вчерашните обвинувања на поранешните вработени во американските бази во Ирак и Авганистан дека се врши опструкција за свикување седница и тврди дека Советот помага во рамките на своите надлежности за да се најде решение на проблемот.
Таа додава дека седницата на Советот ќе се одржи на 25 февруари, кога на дневен ред ќе се расправа за проблемот со даночните решенија од УЈП.
„Имајќи ја предвид сензитивноста на проблемот, одржавме две координации, на кои дојдовме до повеќе сознанија и идни планови за постапување во интерес на нашите сограѓани. Ветивме дека точката ќе ја ставиме на дневен ред, а тие инсистираа тоа да биде порано од предвидената седница, со цел да им помогнеме. Во меѓувреме направив координација за да се изготват дополнителни точки, за седницата да не биде само со оваа точка, бидејќи не станува збор за вонредна седница. Во понеделникот им беше понудено седница да се одржи на 17 февруари, со неколку точки на дневен ред, а нивната да биде прва, на која тие ќе елаборираат, ќе се дискутира и ќе се упатат препораки и заклучоци до надлежните институции. Имам докази дека понудата ја одбија, се заблагодарија за мојата јавно искажана поддршка и се согласија точката да биде ставена на редовната седница на 25 февруари. Значи не станува збор за "купување на време", "опструкција", ниту "извисување", туку за организирање на седници според Деловникот за работа на Советот“, се наведува во писмената реакција на Ѓорѓиевска.
Таа ги повика организаторите на протестите да не манипулираат со кумановската јавност, да се координираат при давање изјави и ги покани на 25 февруари да присуствуваат на седницата и да го елаборираат својот проблем, со цел Советот да помогне во рамките на своите надлежности.
2008 - 2026 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk