Неџат Акифи нов координатор на Регионалниот центар на ЗНМ

24.09.2021 07:24 | Сузана Николиќ

Неџат Акифи, дипломиран новинар и долгогодишен професионалец во МРТВ и ТВ Феста е избран за координатор на ЗНМ за Североисточниот регион. Акифи доби едногласна поддршка од колегите - членови на Здружението на новинарите на Македонија, кои присуствуваа на регионална средба на ЗНМ и ССНМ со новинарите и медиумски работници од Куманово.

Неџат Акифи нов координатор на Регионалниот центар на ЗНМ

Акифи кој и досега ја вршеше работата на привремен координатор, најави дека заедно со ЗНМ ќе работи на унапредување на условите, работничките права и безбедноста на новинарите и медиумските работници од Куманово. 

На состанокт присуствуваа претставници на ЗНМ и ССНМ, при што беше разговарано за горливите теми кои ги засегаат новинарите на локалните, електронски, онлајн медиуми и дописниците, нивниот статус и условите во кои работат.

Претседателот Младен Чадиковски истакнa дека ЗНМ во екот на пандемијата изминатата година помагаше во интерес на безбедноста и здравјето на новинарите и медиумските работници со обезбедување на заштитна опрема, антиген тестови, вакцинација. 

„ЗНМ и ССНМ учествуваа и беа конструктивен партнер во носењето на владините мерки во интерес на новинарите и медиумските работници, како и процесот на зголемување на платите во МРТ и МИА, фонд за медиуми како и изготвувањето на протоколи за безбедност” истакна Чадиковски.

Новинарите од Куманово истакнаа дека моментално основниот проблем е егзистенционален што се одразува на бројот на медиуми, односно бројот на новинари. 

Новиот координатор Акифи ја потенцираше важноста од вакви работни средби. 

„Средби од ваков тип на новинарите и медиумските работници со претставниците на ЗНМ не само во овој регион туку и низ цела држава се доста корисни и потребни како би можеле навремено да се споделат предизвиците и проблемите со кои секојдевно се соочуват новинарите и медиумските работници. Преку зачестените средби ЗНМ ќе има поголема координираност и солидарност во решавањето на проблемите како на локално така и на национално ниво“ рече Акифи.

Во овој момент не се забележани посериозни инциденти и нема тековни тужби од и кон новинарите во Куманово и регионот. 

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk