Неискористен туристичкиот потенцијал во регионот

28.02.2017 07:49 | KumanovoNews

Во поглед на развиените туристички можности, Североисточниот дел на Македонија е најнеразвиен, за разлика од Источниот и Југоисточниот, кој има најразвиен туризам и најголем приход од оваа гранка

Неискористен туристичкиот потенцијал во регионот

Недоволно искористени туристички потенцијали, недоизградена инфраструктура и недостиг на соодветни човечки ресурси се причините поради кои не се развива туризмот, покажаа резултатите од истражувањето и анализата за туристичките можности на областа Ќустендил, Република Бугарија и Североисточниот регион во Македонија.

    - Во регионот се прават многу погрешни чекори и се применуваат несоодветни политики за развој на туризмот.Најмногу од се не се сфаќаат вистинските можности за искористување на локалните потенцијали, локалната инфраструктура и локалното производство. Не знаеме да направиме вистинска приказна со која ќе ги привлечеме туристите и ќе им наплатиме за тоа, изјави проф. Косјо Стојчев, експерт од Бугарија.

    Резултатите од истражувањето беа презентирани на тркалезните маси "Можности и предизвици за обезбедување на квалитетни туристички услуги и производи во прекуграничниот регион", кои се одржаа во Ќустендил и Крива Паланка. Тие се дел од проектот "СТЕПС - Поддршка за претприемништвото и промовирање на услугите во туризмот“, финансиран од Интерег-ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р. Бугарија и Р. Македонија, кофинансирана од Европската унија. Проектот се реализира од Здружението "Младински општински совет - Ќустендил" во партнерство со Здружението "Регионален центар за соработка - Спектар" од Крива Паланка, Македонија.

Според податоците, во поглед на развиените туристички можности, Североисточниот дел на Македонија е најнеразвиен, за разлика од Источниот и Југоисточниот, кој пак има најразвиен туризам и најголем приход од оваа гранка. Од бугарска страна, пак, најразвиени се Банско, Благоевград, Сепарева Бања и Сандански, додека Ќустендил заостанува зад нив, беше истакнато на тркалезните маси.

Учесниците се согласија дека туризмот во овие региони треба да биде насочен кон алтернативните форми, пред се, кон развојот на селскиот, културниот, планинскиот и бањскиот туризам за кои имаме непроценлив потенцијал.Тие посочија дека е потребна изработка и на заеднички културен календар како информациски туристички материјал, кој ќе овозможи меѓусебна размена на туристи и поддршка на туристичките манифестации во регионот.

Во рамките на проектот беше спроведена и  онлајн анкета за идентификација на предложените туристички услуги и производи, како и за потребите од подобрувања во целниот  регион - Североисточна Македонија и област Ќустендил во Бугарија.

Од извршените анализи предложени се насоки за  подобрување, насочени кон квалификациите на персоналот и преземање на иницијативи поврзани со туристички маркетинг и претприемништво.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk