Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Жителите на Тромеѓа утре ќе имаат средба со надлежните поради можноста за затворање на Основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“, во кое повеќе од еден век се образуваат децата од селото и околните населени места.
Според жителите, како причина за затворањето се наведува намалениот број ученици, односно околу 12 деца во новата генерација и околу 60 ученици во целото училиште. Тие сметаат дека наместо да се бараат решенија за зголемување на бројот на ученици и зачувување на наставата, се носи одлука што дополнително ќе придонесе за иселување и слабеење на руралната средина.
Во повикот за состанокот од месната заедница објавен на социјалните мрежи, жителите потсетуваат дека до неодамна ученици од населбата Пуковско, од Пузаљка, посетувале настава во Тромеѓа. Според нив, треба повторно да се разгледа можноста дел од децата од Пуковско да се запишуваат во училиштето во Тромеѓа, кое, како што наведуваат, за многу семејства е поблиску и нуди безбедна и мирна средина за учениците.
Тие го поставуваат и прашањето дали организирањето превоз за учениците до друго училиште е поисплатливо решение од одржувањето на наставата во постојниот објект.
„Училиштето не е само зграда. Тоа е срцето на селото. Кога ќе се затвори училиштето, се губи уште една причина младите семејства да останат да живеат тука“, наведуваат жителите.
Тие ги повикаа родителите, жителите и сите поддржувачи на руралниот развој во вторник во 16:30 часот да се приклучат на собирот и да побараат одговори на прашањата зошто се затвора училиштето, дали биле разгледани алтернативни решенија и какви ќе бидат последиците од таквата одлука врз иднината на селото.
2008 - 2026 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk