Нема инсулин и ленти за кумановските дијабетичари

04.01.2017 10:09 | KumanovoNews

Дијабетичарите од Куманово се жалат дека со месеци наназад не можат да обезбедат некои типови на инсулин и ленти за мерење на нивото на шекер во крвта.

 
Нема инсулин и ленти за кумановските дијабетичари

 Иако е почеток на јануари, кога треба да ја добијат редовната месечна доза во Центарот на дијабетес и денеска пациентите останаа без лек.

Татко на 10 годишно дете кое има дијабетес тип еден вели дека неговата агонија трае 1 месец, затоа што неможе да ги добие лентите за мерење на нивото на шеќер во крвта што му следуваат. Уште пред триесетина дена им било речено дека ќе добијат нови апарати и ленти за мерење на шекерот, но засега ништо.

- Доаѓаме речиси секој втор ден во надеж дека ќе пристигнат лентите. Моето дете се боцка 4 пати на ден и затоа сме зависни од ленти и инсулин и од игли. Мора да се снаоѓаме како знаеме и умееме, позајмуваме од пријатели, купуваме ленти во аптеки, па тие не одговараат за нашето апаратче и принудени сме да набавуваме ново.Сетоа тоа чини пари и нерви.  Дијабетот е сериозна работа и нема играње, шеќерот мора постојано да се контролира инаку последиците се катастрофални. Моето дете прима посебен тип на инсулин кој не може да се најде во аптеките.Крајно време е државата да ги преземе потребните мерки и да го реши проблемот на оваа ризична група на пациенти, посебно на малите деца, - вели Никица Кипријановски.

Иста е мислењето на уште неколку пациенти кои ги затековме во Центарот за дијабетис, а ни рекоа дека се од подалечните кумановски села и секое доаѓање во градот ги чини многу пари и време.     

-Последниот инсулин „новомикс 30“ го зедов на 5 ноември и оттогаш повеќе го нема. Поминаа два месеци го трошам последното пенкало, а потоа незнам што ќе правам. Има голем процент и на сменети инсулини од еден тип на друг што е исто така страшна работа за нашиот организам. Сега е почеток на месец а како што сами гледате од 10 души 8 се вратени, бидејќи нема инсулин, ленти или иглички за боцкање, - вели Стефан Јовановски, дијабетичар и поранешен претседател на Здружението на дијабетичари во Куманово.

Директорот на Кумановската болница Ариф Љатифи потврди дека имаат проблем со обезбедувањето на инсулин за болните од дијабетес, но вели дека тоа не зависи од нивната болница, туку од Министерството за здравство.

Во Куманово има евидентирани 7000 дијабетичари од кои околу 2000 се на инсулинска терапија. Нивниот број постојано се зголемува, а се почесто болеста се јавува меѓу децата и младите.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk