Нема инсулин за дијабетичарите во Куманово, од министерството со најава дека од понеделник ќе се нормализира снабдувањето

04.04.2025 13:25 | KumanovoNews

Пред неколку недели се јавил недостиг на одреден вид на инсулини и антидијабетна терапија во Кумановската болница, по што започнале забрзано да се трошат и резервите на другите типови на инсулин.

Нема инсулин за дијабетичарите во Куманово, од министерството со најава дека од понеделник ќе се нормализира снабдувањето

„Моментално има недостаток на некои видови на инсулин, од Инсулинската аптека се нудат замени за да се премости периодот. Но, организмот е научен на одреден тип на инсулин, не е исто кога ќе се аплицира друг вид- се нарушува контролата на шеќерот во крвта, што директно влијае на здравјето. За среќа набрзо ќе се разреши овој недостаток“, истакна Зоран Бојковски, претседател на Здружение на лица со дијабет Куманово.  

Тој вели дека добиле ветување од Министерството за здравство дека недостокотот од некои типови инсулин и дијабетна терапија ќе се нормализира од понеделник, па веруваат дека снабдувањето на пациентите со терпија од наредната недела ќе продолжи со својот вообичаен тек.

Терапијата се дели на дијабетичарите на почетокот на секој месец, според извештај од специјалист, и тоа се количини доволни за тој период. Речиси е невозможно да се создаде залиха која би ги покрила периодите кога ќе се јави недостиг. За сега се позајмуваат количини од дијабетичари од Скопје или меѓусебно, од резервите дома, но тоа е терапија која покрива само неколку дена.

Лекарите советуваат секој пациент да се посоветува со ендокринолог кој може да даде најдобри препораки за вакви периоди.  

Во Куманово, Старо Нагоричане и Липково има околу 10.000 дијабетичари, од кои 4.000 се на инсулинска терапија. 

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk