Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Нема место за паника меѓу граѓаните, ЈП „Водовод“ од Куманово ги презело сите мерки, како што налагаат потребите во ваквите случаи. На информацијата за тоа дали водата е безбедна за пиење се чекаат резултатите од анализите на Центарот за јавно здравје, кои имаат земено мостри од повеќе локации во градот, велат надлежните.
По заматувањето на водата и сопирањето на водоснабдувањето во градот, по вчерашното невреме денеска заседаваше општинскиот штаб за заштита и спасување.
„Иако излезе информација дека водата не е безбедна за пиење, тоа е непотврдена информација, затоа што чекаме информација од Центар за јавно здравје, од нашата и една приватна лабораторија, кои земаа мостри од повеќе локации. Нашите стручни служби реагираа навремено. Ова е ситуација која не зависи од јавното претпријатие, се надеваме дека релативно брзо водата која доаѓа до филтер станицата ќе биде со задоволителна матност. Утрово матноста беше 10 илјади мерни единици, додека до пладневните часови вредностите паднаа на 250, така што со вакво темпо би требало релативно брзо да се стабилизира состојбата“, истакна директорот на „Водовод“ Куманово Оливер Стојмановски.
Општинскиот штаб за заштита и спасување стапил во контакт со Агенција за храна и ветеринарство со барање водата да може да се користи како техничка вода за готвење и капење, со препорака до граѓаните водата да биде обавезно превриена.
Нормализирањето на водоснабдувањето ќе зависи од тоа дали повторно ќе има врнежите, кои се најавени да продолжат повторно ќе предизвикаат исти проблеми, но се надеваат дека ќе го заобиколат липковскиот регион од каде што доаѓа водата за пиење.
„Тоа не можеме да бидеме сигурни, меѓутоа и да се случи ние ќе знаеме дали повторно е направен таков проблем и таа вода сигурно нема да биде пуштена во системот за водоснабдување на граѓаните. Ако не се повтори невремето, сметаме дека многу брзо ќе добиеме задоволителни резултати, иако не можеме да прецизираме за колку време ќе помине вода низ цевководот. Но за квалитетот на водата, и дали ќе може да се користи за пиење треба да дадат одобрување здравствените институции“, потенцираше Тони Јовчевски, раководител на филтер- станицата на „Водовод“.
И од ЈП Водостопансво Кумановско-липковско поле, кое стопанисува со браните Липково и Глажња од кои Куманово се снабдува со вода за пиење, потврдуваат дека водата во браните се сталожува и се избиструва.
Куманово се соочи со проблеми во водоснабдувањето, откако синоќа Липковско беше зафатено со силно невреме проследено со пороен дожд и град, па големите количини на води кои се слеаа од планината ја заматија водата во браните.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk