Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Нема да има организиран пречек на Нова година на Градскиот плоштад во Куманово.
Втора години по ред Општината се откажа од прослава на отворено во новогодишната ноќ под изговор дека нема интерес и посетеност од граѓаните, бидејќи повеќето славеле во ресторани или заминувале надвор од градот.
Наместо тоа, во четврток на 29 декември, ќе се организира целодневна новогодишна прослава за најмладите и за сите генерации. На Градскиот плоштад ќе пристигне Дедо Мраз, а ќе има културно-забавна програма со учество на локални групи и уметници во вечерните часови. Комплетната програма ќе биде соопштена деновиве.
Прославата на Нова година на Градскиот плоштад ја воведе градоначалникот Зоран Дамјановски кога стапи на функцијата пред 12 години. За 10 години на плоштадот пееја познати балкански и домашни ѕвезди: Северина, Хари Мата Хари, Црвена Јабука, Синтезис, Владо Јаневски, Регина, Даниела Мартиновиќ, Наум Петревски, Зуица Лазова, Нокаут и др. На почетокот посетеноста на плоштадот беше поголема, но како одминуваа годините, а општината немаше доволно пари за скапите хонорари на големите ѕвезди, заинтересираноста падна.
Во соседна Србија тренд е откажување на новогодишните прослави заради хуманитарни цели. Жителите на Нови Сад собраат потписи за петицијата со која бараат од градоначалникот и локалните власти да се откажат од дочекот на Нова година на плоштадот и тие пари да ги пренаменат за лекување на болни деца и возрасни.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk