Несовесни возачи „газат“ се пред себе

16.05.2016 14:52 | KumanovoNews

 Во градот се вози како на рели трки и се загрозува безбедноста на останатите учесници во сообраќајот

Несовесни возачи „газат“ се пред себе

Несовесни возачи, деновиве како да се натпреваруваат во уништување на сообраќајната сигнализација во градот. За само три дена во Куманово уништени се и оштетени два семафори и еден сообраќајен знак.

Последниот семафор настрада на раскрсницата на улиците „Октомвриска револуција“ и „Трета МУБ“. Утринава во 7 часот, возач на голф удрил во бетонската жардињера, а потоа во семафорот. При тоа столбот е скршен, а светолсната сигнализација парчосана.

Во саботата претпладне, оштетен е сообраќаен знак на влезот во населбата Карпош. Автомобил се забил во неодамна поставената табла-патоказ, спроти безинската пумпа Сателит, и ја оштетил.

На раскрницата на улиците „Трета МУБ“ и „Народна револуција“, кај Рим-Париз, во четвртокот попладне беше скршен семафор. Според очевидци две возила при полукружно свртување се судриле, по што изгубиле контрола и удриле во семафорот, при што целосно го уништиле.

За среќа во трите сообраќајки немало жртви, но дали секогаш е така. Од Општина Куманово велат дека во најкратко време ќе набават нова опрема и ќе ги заменат уништените семафори.

Со подобрување на времето, секоја година се зголемуваат и сообраќајните незгоди во градот. Несовесни возачи со автомобили и мотори, возат како на рели трки и ја загрозуваат безбедноста на останатите учесници во сообраќајот. Најмногу се засегнати децата и граѓаните кои се на удар на “бесните“ автомобили и возачи, а нема кој да ги заштити.    

 Граѓаните бараат од сообраќајната полиција да им застане на пат на таквите возачи и да ги зголеми контролите по сообраќајниците. Тоа се очекува од новиот началник на СВР Куманово, кој е кумановец и ги знае црните точки во градот, па треба сериозно да се зафати со решевање на сообраќајниот хаос, бидејќи на седниците на Советот тоа го бараше и позицијата и опозицијата.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk