Никој не може да ме враќа во партија од која никогаш не сум излегол, порача Димитриевски

19.11.2021 12:16 | Сузана Николиќ

Откако вчера генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, најави дека партијата ќе се обиде да го врати Максим Димитревски во своите редови, градоначалникот на Куманово одговори дека никој не може да го враќа во партија од која никогаш не излегол.

Никој не може да ме враќа во партија од која никогаш не сум излегол, порача Димитриевски

„Согласно статутот на мојата СДСМ сѐ уште сум член и воедно со нетрпение ја очекувам седницата на ЦО на која ќе разговараме и за мојот статус, но и за погубните политики на дел од раководството кои не доведоа во оваа состојба. На СДСМ му се неопходни радикални промени и трансформации по вертикала и хоризонтала и начинот на практикување на власта, елиминација на лукративно - клиентелистичкиот пристап кои треба да бидат заменети со вистински државотворни политики базирани на идеологија во кои граѓанскиот ќе биде пред партиско - личниот интерес“, вели Димитриевски во реакција на Фејсбук .

Тој вели дека очекува да се реализираат најавените оставки и кадровски смени во владата, но и во партијата, и тврди дека во изминатиот период притисоците кон него и неговите поддржувачи биле од негови сопартијци.

„Нема простор за разговор ниту договор со такви кои што срушија се, излегоа од начелата на СДСМ и се користеа со груевистички методи. Нема да дозволам да бидам дел од нечии игри за собирање на евтини политички поени, мојот фокус во моментов е да ги реализирам сите ветени проекти за кои што добивме доверба од граѓаните притоа водејќи се по реални социјалдемократски начела“, порачува Димитриевски.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk