Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Основното училиште „Толи Зордумис“ од Куманово ќе добие енергетско- ефикасна фасада на целата зграда и спортската сала, нов под во салата, како и пристапна рампа за инвалидизирани лица.
Реконструкцијата на објектот се врши преку проект на Министерството за образование и наука, во соработка со раководствата на училиштата и Општина Куманово.
„Дождливото време услови работата да започне некој ден подоцна, но еве веќе тргна реализацијата на проектот. Ќе се работи етапно, секоја страна на училиштето посебно, а започнавме со задниот дел, за да не пречиме на децата. За време на распустот ќе се интензивираат активностите на влезот на училиштето“, објасни директорот Дејан Младеновски.
Со поставување на изолација на зградата ќе се добие заштеда на енергија, но и естетски уреден простор за пријатен простор на учениците. По завршување на овој проект се надеваат дека ќе се обезбедат средства и за завршување на уредувањето на училишната спортска сала.
Договорот е дел од проектот „Изградба и опремување на 145 спортски сали и реконструкција на средни и основни училишта во Македонија“ на МОН. Обезбедени се повеќе од 24,6 милиони денари, односно речиси 400 илјади евра, а градежните работи би требало да завршат во наредните 6 месеци.
Покрај „Толи Зордумис“ се работи и на фасадирање на училиштето „Христијан Карпош“ во населбата Перо Чичо. За ова интервенција се издвоени 12,6 милиони денари.
Договорот е потпишан кон средината на 2021 година, а општината аплицирала за пет проекти. Досега е завршена фасадата на „11 Октомври“, а следни училишта за рехабилитација се училиштето „Браќа Рибар“ во село Табановце и „Вук Караџиќ“.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk