Нови случаи на ХИВ и СИДА во Куманово

01.12.2011 09:43 | KumanovoNews

 Два нови случаи на ХИВ и СИДА се регистрирани годинава во Центарот за јавно здравје Куманово. Двајцата заболени се мажи.

Нови случаи на ХИВ и СИДА во Куманово

Со тоа во градот има вкупно 4 лица болни од СИДА и 2 лица инфицирани од ХИВ. Досега од овие инфекции починале 2 лица.

Мотото под кое оваа година се одбележува Светскиот ден на борба против СИДА е „Визијата за свет со нула ХИВ-инфекции, нула дискриминација и свет со нула смртни случаи асоцирани со СИДА“. Пораката од годинешнава кампања е да се тестираат сите граѓани кои влегуваат во ризичните групи, бидејќи ХИБ тестирањето е достапно преку Советовалиштето за доброволно и доверливо тестирање, кое работи во состав на Центарот за јавно здравје. Навременото тестирање значи можност за соодветна терапија, која ја намалува смртноста и обезбедува нормален живот. Од друга страна тоа значи намалување на преносот на инфекции по сексуален пат и до 96 проценти-вели Јадранка Стаменковска од Центар за јавно здравје.

Според најновите податоци на Иститутот за јавно здравје, во Македонија регистрирани се 142 случаи со ХИВ/СИДА. Од тоа 117 се машки, а 25 женски лица. Годинава се регистрирани 10 нови случаи со ХИВ/СИДА во Македонија. Од нив седум имаат сида, од кои три машки лица има во Скопје и по едно лице во Охрид, Велес и Куманово и едно женско лице во Битола.

 Во Македонија во моментов со ХИВ/СИДА живеат 76 лица, а починати се 66.

Бројот на инфицирани од ХИВ вирусот во последната декада во земјите од Југоисточна Европа бележи фрапантен пораст од 250%, соопшти Светската здравствена организација во анализата по повод 1-декември, Светскиот ден на борба против СИДА. Во најголем дел порастот се должи на драматичното зголемување на бројот на заразени од HIV вирусот во две држави, Русија и Украина.

Во светски рамки бројот на заболени од СИДА достигна 34 милиони.

По повод Светскиот ден на борба против сида, доктори од Центарот за јавно здравје ќе одржат предавања на учениците во основните и средни училишта и ќе поделат кондоми. Вечерва во Центарот за култура ќе се одржи исто предавање на младите.



Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk