Обезбедени огревни дрва за школото во Игор Тричковиќ

03.11.2015 10:35 | KumanovoNews

Вчера и денеска родителите не ги пуштија децата на настава во подрачното училиште „Христијан Карпош“ во населбата Игор Тричковиќ, бидејќи немало дрва за огрев.

Обезбедени огревни дрва за школото во Игор Тричковиќ

Револтирани родителите денеска се собраа пред училиштето и побараа итно решавање на проблемот, затоа што не сакаат нивните деца да се смрзнуваат.

Греење нема три недели. По едно огинче наутро и после нема огин. И тие што држат курсеви попладне и за нив нема огин. Само празни ветувања и ништо друго. Директорката кажа дека не е време за огин. Секоја година е исто, откако постои училиштето има проблеми со дрвата - вели Благица Николовска, родител.

И другите родители објаснуваат дека училиштето нема услови, дека нема сала, тоалетите се нечисти, а  училишниот двор не е ограден.

Директорката на „Христијан  Карпош“, Лидија Костиќ ги повика родителите на разговор и ги слушна нивните барања. За кратко време во училиштето пристигнаа дрва за огрев, кои ќе бидат доволни за наредните два до три месеци, а за цела година Костиќ вели дека овој училишен објект има потреба од 30 кубици дрва.

Оваа година драстично имаме проблем со задоцнување на набавка на огревно дрво. Навремено уште во месец јуни е направена нарачка на кубни метри дрва за ова подрачно училиште и е доставена до сектор за образование во општина Куманово. Секоја година набавка оди преку тендер кој го распишува општина Куманово. Оваа година по распишување на тендерот не се јави ниту еден понудувач, ниту една фирма и затоа тендерот пропадна. Општината прави напори спогодбено да набави дрва - изјави Костиќ.

Во ова подрачно училиште се школуваат стотина деца од 1 до 5 одделение, распоредени во 6 паралелки.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk