Облека и обувки за сиромашните деца

27.10.2014 13:37 | KumanovoNews

Децата од градинката “Ангел Шајче“ денеска донираа облека, обувки, играчки и книги за децата од социјално загрозени семејства.

Облека и обувки за сиромашните деца

Оваа хуманитарна акција е насловена “Од дете за дете“, се организира на иницијатива на Министерството за труд и социјална политика и понатаму ќе продолжи да се спроведува.

“Целта е да се поттикне хуманоста, солидарноста. Оваа донација е соберена од децата, од нивните родители и во собирната акција се вклучени 104 донатори - родители. Има многу облека, чевли, играчки, детски книги кои денеска ги предаваме на меѓуопштински Центар за социјални работи, а тие ќе одлучат каде ќе бидат распределени. Овој проект ќе се реализира во текот на цела учебна година“ - вели Марина Алексовска, директорка на “Ангел Шајче“.

Од Центарот за социјални работи велат дека донацијата во најбрз можен рок ќе им биде доставена на децата на кои им е потребна.

“Денеска вршиме преземање на оваа донација која траеше од 13 до 17 октомври. Во најкраток можен рок ќе се изврши распределба и реализација на оваа донација. Донацијата ќе отиде баш онаму каде што највеќе е потребна, а  тоа се деца изложени на социјален ризик, деца без родители и деца со еден родител“ - кажа Ивана Лазаревска, координатор на акцијата од Центар за социјални работи Куманово.

Истата акција се спроведува во повеќе градови ширум Македонија.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk