Одбележан Денот на крводарители во Куманово

21.03.2017 09:53 | KumanovoNews

Општинската организација на Црвениот крст Куманово го одбележа 17 март, Денот на крводарителите и Денот на Црвениот крст на Република Македонија.

Одбележан Денот на крводарители во Куманово

Во центарот за култура „Трајко Прокопиев„ вчера се одржа свечена седница на која беа доделени благодарници на повеќе кратните крводарители, кои дарувале крв по 10, 25, 50 и 75 пати.

Еден од крводарителите, кој доби признание за 50 дарувања крв е Ненад Алексовски.Тој почнал со крводарителство од средно училиште и најави оти ќе продолжи се додека се чувствува добро.

„Чувствата се прекрасни да се помага на некога, да се спаси нечиј живот. Добро е да се дарува крв бидејќи нема никакви последици по здравјето, туку напротив, многу подобро се чувствувам. Потребна е само добра воља да се биде крводарител“, - изјави Алексовски.

Манце Ѓорѓевиќ досега дарувал крв 137 пати, а првпат за својот другар кој доживеал сообраќајна несреќа.

„Првпат давав крв кога мое другарче се повреди на мотор. Учев во земјоделското училиште и имав 15 години. Сите избегаа, а само јас останав. Не почувствува никакви проблеми после тоа и продолжив редовно. Тоа стана дел од мојот живот и сакам да дарувам. И мојата сопруга е редовен крводарител, денеска доби благодарница за 50 дарувања. Дај боже здравјето да не служи ќе продолжиме и понатаму, останува уште синот да го убедиме„, - се шегува Ѓорѓевиќ.

Тој апелира до младите да не веруваат во тврдењата дека се стекнува зависност со крводарувањето и ако еднаш започнеш потоа не можеш да престанеш.

На свеченоста се обрати претседателот на Општинската организација на Црвениот крст Нухи Јусуфи.

  „Минатата година имавме 2.763 крводарувања што е повеќе за 196 крводарувања во однос на предходната година. Ние сме на горниот дел на табелата по крводарувања во државата, но се надеваме дека во иднина ќе се искачиме на првите позиции. Младите се повеќе се вклучуваат во крводарувањата, но не можеме да бидеме сосема задоволни, мислам дека можат да дадат и повеќе. Најчести крводарители се луѓето од 20 до 40 години“,- истакна Јусуфи.

Тој истакна дека со бројот на крводарители во градот се задоволуваат потребите на крв во Кумановската болница. Смета дека државата не им возвраќа доволно крводарителите, но се надева дека со подобрување на економската сотојба во државата работите ќе се сменат.

Докторката Лилјана Славковска од одделот за трансфузиологија во Општа болница Куманово, ги повика граѓаните да се вклучат во акциите, бидејќи секој здрав човек може да дарува крв.

„Крв може да дарува секој од 18 до 65 години. Крводарувањето е доброволно и корисно, бидејќи не предизвикува никакви последици по здравјето, напротив овозможува обнова на крвната плазма, како и на крвните тела. Пред секое крводарување вршиме здравствена проверка за нема проблеми оној кој дава, но и крвта да биде полезна за оној кој ја прима„,- рече Славковска.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk